Берлин е многу добро место за мене, четири пати победив со два светски рекорда, вели Кипчоге, кој на ЛОИ 2020 стана третиот што освоил две олимписки титули по ред во маратон
Елиуд Кипчоге е човек што сака рутина, ова го знаеме од неговиот структуриран режим на тренирање, кој беше во основата на неговиот успех во маратонските трки, дури и кога не успева да ги исполни своите цели, олимпискиот шампион ретко ја менува својата програма и затоа, неговиот избор да трча на Берлинскиот маратон шести пат е со цел, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), во пресрет на утрешната трка во Берлин, една од шесте најголеми маратонски трки во светот. Тој со победа утре ќе биде прв што пет пати триумфирал на Берлинскиот маратон.
– Мојата цел е секогаш да трчам добра трка, работам за да се осигурам дека ќе биде добра трка – изјави тој пред да замине за Берлин, пишува ИОК.
Кипчоге, светски првак на 5.000 метри во 2003 година, на дебито на летни олимписки игри (ЛОИ) во 2004-та освои бронза, а во 2008-та сребро, на 5.000 м. Недостижното олимписко злато го натера да се префрли на маратонот, пишува ИОК. Во 2016 година, Кипчоге победи на маратонот во Лондон со време осум секунди побавно од светскиот рекорд, потоа го оствари својот олимписки сон со златото, а на ЛОИ 2020 стана третиот со две олимписки титули по ред во маратон. Кипчоге се враќа на берлинската патека како „совршена подготовка“ за ЛОИ 2024, откако и трката во Париз ќе се одвива на рамна патека.
– Јас сум љубител на Берлин, но годинава го избрав Берлинскиот маратон специјално за ЛОИ во Париз. Берлин е многу добро место за мене, четири пати победив со два светски рекорда, тоа навистина ми остана во мислите – вели Кениецот Кипчоге, кој таму победи во 2015, 2017, 2018 и во 2022 година, кога го постави актуелниот светски рекорд од 2:01,09 часа. Н.М.