ЏУДО – СП ВО КАТАР

Јапонија е најуспешната репрезентација на Светското поединечно првенство (СП) во џудо, кое се одржа во катарскиот град Доха, освојувајќи пет златни медали, две сребрени и четири бронзени или вкупно 11. На втората позиција е селекцијата на Франција со две златни, три сребрени и две бронзени медали, додека трета заврши репрезентацијата на Грузија со две злата и по едно сребро и бронза.
Особено возбудлива беше борбата во супертешка категорија (над 100 кг) на последниот натпреварувачки ден, во која Французинот Теди Ринер (34) го освои 11-от златен медал во својата богата кариера. Во решавачката борба тој го победи рускиот претставник Инал Тасоев, кој е европски првак од 2021-та и е помлад од Ринер девет години.
Французинот може да се пофали со уште три олимписки и пет европски злата, а до 2020 година имаше серија од 154 победи во низа. Во Париз во 2024 година, тој ќе настојува.да стигне и до четвртото олимписко злато.
Русите, кои на СП се вратија по речиси една година апстинирање, освоија едно злато, благодарение на Арман Адамјан (над 100 кг). Г.И.