Фото: Маја Јаневска-Илиева

На 25-от роденден, Дарио Ивановски ја истрча делницата од 41,2 км за 2:18,12 часа, подобро за повеќе од три минути од неговиот стар државен рекорд, а Адријана Поп Арсова забележа време од 2:35,29 часа, побрзо за повеќе од пет минути од нејзиното претходно рекордно остварување

АТЛЕТИКА – МАРАТОН ВО КОПЕНХАГЕН

Дарио Ивановски продолжува со соборувањето национални рекорди. Вчера на маратонот во Копенхаген (Данска), на 25-от роденден, ја истрча делницата од 41,2 км за 2:18,12 часа, подобро за повеќе од три минути од неговиот стар државен рекорд, 2:21,27 часа, постигнат лани во октомври на Скопскиот маратон. Нов рекорд во Копенхаген истрча и Адријана Поп Арсова, 2:35,29 часа, побрзо за повеќе од пет минути од нејзиното претходно рекордно остварување, 2:40,36 часа, исто така, лани на Скопскиот маратон. Двајцата се членови на атлетскиот клуб (АК) Делта од Скопје.
За Ивановски ова е петти национален рекорд годинава (лани забележа дури 10), вкупно 25-ти во кариерата. Во минатата недела на „Скопје трча“ тој забележа нов рекорд на 10 км на пат (29,44 минути), а минатиот месец стана и балкански првак во полумаратон (21,1 км) во Тирана со време на нов рекорд (1:04,55 час). Претходно, на 27. Балканско првенство во Истанбул (Турција) во сала, во трката на 3.000 метри, тој постави нов рекорд на Македонија, со време од 7:58,48 минути, и стана првиот македонски атлетичар што 3.000 метри истрчал за помалку од осум минути. Првиот рекорд годинава, исто така на 3.000 метри во сала (8:01,63), го постави во јануари на митингот во Белград.
Ивановски е рекордер на Македонија во девет дисциплини, на 1.000 метри на отворено (2:28,04 минути), на 1.500 метри во сала (3:44,98), на 3.000 метри во сала (7:58,48), на 3.000 метри на отворено (8:06,66), на 5.000 метри на отворено (14:02,32), на 10.000 метри на пат (29:44) минути), на 10.000 метри на отворено (30:04,66), во полумаратон (1:04,54 часа) и во маратон (2:18,12 часа).
За Поп Арсова ова е втор национален рекорд годинава. Минатиот месец во трката на 10.000 метри на Купот на Македонија, во Скопје, забележа рекордно време од 35:00,30 минути.