ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (254)

Познатиот новинар Станоев со години ги бележи случувањата во спортот во Струмица, кои се овековечени во неколку негови монографии. Тој речиси целиот работен век го помина како дописник на „Нова Македонија“, а соработуваше и со загрепски „Спортске новости“. За својот новинарски опус од Општина Струмица, по повод празникот на градот Светите петнаесет тивериополски маченици, неколкупати беше наградуван

Ако сакате од поблиску да се запознаете со историјата и развитокот на струмичкиот спорт не треба многу да лутате, обратете му се на познатиот новинар Иван Станоев и ќе добиете информација за сето она што ве интересира. Ова е вистина, зашто Станоев целиот живот го помина како новинар и како хроничар на настаните во својот град. Затоа, не е ниту чудно што располага со сите историски податоци врзани за фудбалот, потоа одбојката, кошарката, борењето, атлетиката и другите спортови што вирееја и сѐ уште виреат во Струмица. Тој е, би рекол, жива енциклопедија за спортот, а како коавтор се јавува и во неколку книги за најистакнатите спортисти од градот.
– Целиот живот сум посветен на струмичките збиднувања, особено оние спортските.
Сакав да ги запознаам младите генерации со целокупната спортска историја во Струмица, па така, покрај новинарството од кое егзистирав, ги нотирав и најбитните случувања во спортот, како резултат на прибраниот и педантно класифициран материја. Пред 11 години го издадов „Струмичкиот столетник“. Во оваа монографија покрај историографските податоци, за тоа кога и од кои личности се формирани спортските друштва и клубови, се сумирани и нивните резултати. Особено е интересна и монографијата за фудбалскиот миленик ФК Беласица, од која ќе видите дека популарниот клуб е формиран во 1922 година, што значи оти минатата година ја прослави својата стогодишнина. Струмичкиот фудбалски стожерник, кој придонесе и за севкупниот развој на фудбалот во Македонија, своето деби во републичката лига го имаше во сезоната 1953/54. Оттогаш, со мали исклучоци Беласица постојано беше во врвот на македонскиот, а неколку сезони со оглед на тоа што се натпреваруваше во Втората лига и во врвот на југословенскиот фудбал. Не треба да заборавиме, младите нека го знаат тоа оти Втората лига во поранешната држава беше на високо рамниште и по квалитет многу не заостануваше зад најелитната Прва лига – вели Иван Станоев.

СТРУМИЦА „ФУДБАЛСКИ РАСАДНИК“

Не е ништо ново ако кажеме дека струмичкото поднебје како да е родено да создава врвни фудбалери. Во минатото тоа беа Истатов, Пандазиев, Божинов, Кичуков, Матеничаров, Урдов, Костадинов, Семенков, Б. Георгиев, Рингов, Попов, Секулов и уште многу други фудбалери, кои ја продолжуваа кариерата во познати и квалитетни клубови, не само во Македонија туку и надвор од границите на нашата земја. Интересно е оти меѓу оние што не беа производ на фудбалската школа на Беласица, туку на помладиот струмички клуб Тиверија беше и Георгиев, популарно наречен Шеки, по големиот југословенски ас со потекло од Штип.
– За него се сметаше дека е еден од најголемите македонски таленти, беше вистински мајстор со топката, беше незапирлив. Јас многупати пишував за струмичкиот Шеки, кој, за жал, не се вивна во фудбалските височини. Тој потекнуваше од сиромашно семејство и самата средина го научи да се задоволува со малку. Но таква била неговата судбина, инаку ќе беше ас за кој ќе говореа сите фудбалски љубители – вели Иван Станоев за легендарниот фудбалер, кој им остана во срцата на струмичани.

Затоа, пак, Струмица имаше фудбалери што изградија убава кариера. Меѓу нив на водечките места се голманите Благоја Истатов и Благој Георгиев. Првиот замина во Партизан, потоа во Холандија, а вториот кариерата преку Вардар ја продолжи во солунски Ираклис.
– Еден, пак, кој најчесто и денес е споменуван секако е Васил Рингов. Неговата популарност беше толку голема, што таа и денес се чувствува. Со неговото име како да се идентификува и струмичкиот фудбал. Тука се уште Нико Секулов, а и браќата од Сушица, Роберт и Горан Попов. Има уште многу имиња, кои се набележани во мојата монографија од кои, сепак, најдалеку стигна Горан Пандев, легендата и на калчолигата, а со Интер и освојувач на европската Лига на шампионите. Со него, и оној гол против Грузија, Македонија првпат стана учесник на Европското првенство. Колку љубовта кон својот град кај Пандев е изразена покажа со формирањето сопствена академија. Сето тоа беше со цел младите момчиња од овој регион да имаат правилен фудбалски развој уште од раното детство – вели тој.

БОРАЧИТЕ НА ИЗВОР ЈУГОСЛОВЕНСКИ ШАМПИОНИ

Иван Станоев нѐ потсетува оти по осамостојувањето на државата Беласица беше учесник и во Купот на УЕФА.
– Тоа се случи откако струмичани беа втори во Македонската лига и откако нашата федерација беше примена за полноправен член на ФИФА и на УЕФА. Беласица, како втора во МФЛ се појави и на европската сцена. Против поискусниот португалски тим Леишоеш струмичани објективно немаа шанси и беа елиминирани. И следната година Беласица играше во Купот на УЕФА, но и овде беше елиминирана од словенечкиот Публикум од Целје.

Меѓутоа, надвор од фудбалот, пред распадот на Југославија, најголема радост на струмичката и на македонската спортска јавност им приредија борачите на Извор, кои станаа државни екипни прваци во слободен стил.
– Овој успех на избраниците на Сократ Ефтимовски, нормално најде посебно место во мојата монографија. Борачите беа единствени екипни прваци на Југославија, додека во другите спортови се истакнуваа одбојкарите, кои во Никола Донев го имаа првиот Македонец, член на репрезентацијата на поранешната држава, а повеќе сезони тие се натпреваруваа и во Втората југословенска одбојкарска лига. Интересно е дека одбојкарската традиција никогаш не згасна, па и денес продолжува. Така, нашиот град преку Никола Ѓоргиев го има капитенот на македонската репрезентација. Но тој не е единствен. Токму поради традицијата што ја има овој спорт, во составот на Македонија продефилираа повеќе струмичани, а да кажам дека и првиот селектор, професорот Димитар Циев, беше токму од нашиот град – продолжи Станоев.

СТОЈАНОВ – ЕДИНСТВЕН ОЛИМПИЕЦ

Иван Станоев во својата монографија за струмичкиот спорт посебно место му дава и на атлетичарот Ване Стојанов.
– Спортската јавност во Македонија беше изненадена со појавата на атлетичарот Ване Стојанов. Тој неколку години кон крајот на минатиот и во почетокот на овој век беше рекордер и шампион на Македонија на 800 метри. Стојанов во овој период беше учесник на две светски првенства, во Атина и во Едмонтон и на две олимпијади, во Сиднеј и во Атина. Ваков успех и денеска ретко кој македонски атлетичар може да постигне – вели Станоев.

Кога ја прелистувавме монгографијата за 100-те спортски години во Струмица, неизбежно беше преку неа да се потсетиме на два боречки аса од времето кога слободното борење земаше голем замав во Македонија. Спортската јавност во Македонија убаво знае за успесите на Трстена, Сеиди и Шоров, кои освојуваа медали на големите приредби, но преку спортскиот столетник ќе се потсетат и на нашите први учесници на светските и на европските првенства, Рамиз Тефиков и Неби Јусуфов. Двајцата потекнуваа од Струмица и двајцата имаа високи пласмани уште на првите дуели со светската елита.
– Има уште многу спортски асови од ова наше струмичко поднебје. Јас сѐ што можев собрав и го пласирав во „Струмичкиот спортски столетник“. Сега, младите нека продолжат и нека ја негуваат нашата спортска историја – вели на крајот познатиот новинар, хроничар и публицист Иван Станоев.

И за крај, да кажеме дека Иван Станоев, за сиот овој труд со кој ни остави вистинско богатство, беше добитник на наградата на Струмица, што се доделува за посебни заслуги и придонес за афирмацијата на градот во сите области.


ИВАН СТАНОЕВ

Спортски новинар, хроничар и публицист
Роден: во 1932 година во Пехчево
Дописник на „Нова Македонија“ и на „Спортске новости“
Издавач на следните монографии: „60 години од ФК Беласица“ во 1982 година, заедно со Иван Василевски и Ацо Манински во 2004 година ја издадоа монографијата „Благој Истатов – македонска фудбалска легенда“, во 2012-та „Струмички спортски столетник 1912-2012 година“, во 2015 година монографијата „Девет децении ФК Тиверија 1923-2023“, „Еден век фудбал во Струмица и 95 години ФК Беласица“ во 2017 година и последната монографија „100 години ФК Беласица“ за која извонреден соработник имаше во поранешниот фудбалер Васил Трајков-Марчин