Фото: Маја Јаневска-Илиева

Неколку актуелни и индикативни елементи на невладеењето на правото и владеењето на правната несигурност

Според нашите соговорници, професори и правни експерти, во државава „етничкиот елемент влијае толку деградирачки, што се загрозени и демократските темели и владеењето на правото. Најсоодветниот опис би бил дека сме доведени во состојба на флуидно општество, кое е спротивно на синергијата на владеењето на правото, а тоа е – правната сигурност. Таа правна несигурност токму сега е толку многу, дури загрозувачки присутна во македонското општество. Се случува да се појави министер, кој си воспоставува свои начини на спроведување и видување на правото, што целосно ја изместува предвидливоста на правниот систем, од каде што произлегува правната сигурност“. Но не се поединци веќе во прашање, туку цели групи и колективитети од локалното население, кои даваат организиран отпор за спроведување закони, подзаконски акти и прописи…

Кулминацијата на преговорите со ЕУ за земјите-кандидати е областа и поглавјето што „прво се отвора и последно се затвора во преговарачкиот процес“, а се однесува на владеењето на правото и правната држава! Тоа е поглавјето 23! ЕУ дава исклучителна важност на ова поглавје, но македонската реалност е далеку од состојбата тоа да се сфати сериозно. И наместо тврдо и непоколебливо самите однапред да се зафатиме со работа отстранувајќи ги веќе дијагностицираните општествени слабости од областа на правото, владеењето на правото, уставноста, законитоста, правните процедури, или ако сакаме попластично кажано: да престанеме да ги кршиме Уставот и законите, да ги почитуваме процедурите, да нема самоволие и правна несигурност и непредвидливост, да престанеме да крадеме, да не влегуваме во коруптивни поведенија, да излеземе од зоната на организиран криминал, да не владее принципот на неказнивост и недопирливост, ние, или поточно голем дел од носителите на јавни и високи државни функции сметаат дека „сѐ уште не е дојдено времето на децидно практикување на принципите од фазмозната преговарачка рамка за владеењето на правото во Македонија“!?

Рибата почнува да скапува од главата

Изминативе десетина дена, „продуцентот“ на некои од најактуелните контроверзии во однос на владеењето на правото е – министерот за здравство, Фатмир Меџити, со неговите одлуки за разрешување на директорот на кардиохирургија. Но и не само за тоа, туку и за низа други негови иницијативи, вклучувајќи и „за еднаков пристап, по иста цена до ресурсите на македонскиот здравствен систем на косовските (странски) граѓани, еднакво како и македонските (домашни) граѓани“. Во заплетот што го креираше министерот за здравство се инволвираше и неговиот партиски лидер, Арбен Таравари, инаку актуелен градоначалник на Гостивар, кој всушност лично вербално во јавноста потврди за овие одлуки на Меџити дека тој бил целосно информиран, иако нема никаква процедурална верига ниту законска основа да биде запознаен, ниту инволвиран, а уште помалку да биде чинител за решавање на овие прашања од областа на централната власт, односно на Владата и Министерството. Ова беше најнов јавно демонстриран индикатор за непочитување на накриво системска поставеност на столбовите на власта, кршење на принципите на функционирање на правната држава, па дури и прикажување начин на странично протекување информации што би можеле да имаат ознака дека се класифицирани, а за што и досега сме биле сведоци.

Еден друг драстичен, „општонароден пример“ за невладеењето на правото

Фото: Архива

Кршењето на принципите на правната држава во Македонија и самоволието не се само забележливи на „високо политичко ниво“ и од поединци, туку се почести и повидливи и на секојдневно, техничко ниво од страна групи и колективитети. Иако звучи како пародичен куриозитет, сосема вистинити и зачестени се информациите дека „модернизирањето на електричната мрежа во Македонија на одредени места се одвива со животен ризик“. Но тоа не е од техничко-теренски причини на работа со струја, туку од закани и напади од страна на локалното население!?

Една од таквите информации е дека екипите на компанијата ЕВН добиваат закани по живот во кумановското село Слупчане при обид за започнување со работни активности за реконструкција и модернизирање на мрежата. За издвојување е примерот на „толпа од 200 селани, кои на организиран начин го блокирале влезот на селото и не им дозволувале на екипите на ЕВН да работат“. Вообичаено од компанијата за ситуацијата го информираат Министерството за внатрешни работи и сите други надлежни институции и нагласуваат дека ваквите реконструкции на мрежата се потребни за да се подобрат напонските состојби и да се овозможи точно мерење на потрошената електрична енергија на корисниците во селото за во иднина да не се соочуваат со дефекти. Причината за блокада на селото за екипите на компанијата за дистрибуција на електрична енергија е намера за поставување броила за регистрирање на потрошувачката. Според податоците од ЕВН, вкупните годишни загуби поради кражбите на струја во селото Слупчане изнесуваат над еден милион евра, односно околу шест гигават-час. Процентуално, 80 отсто од годишната потрошена енергија се краде, а само една третина од 20 отсто фактурирана енергија се наплаќа.

Ова не е исклучок, туку веќе практика за колективен отпор при спроведување на законот и непочитување на владеење на правото

Од истиот „жанр“ е и информацијата дека тројца арачиновци присвоиле клучен извод за струја и оставиле 160 соседи во темница. Според искази на соселаните, тројцата арачиновци, кои се познати во селото по разни злоупотреби, кражби на електрична енергија и слично, не ги интересира ни состојбата за болните, ни за старите лица што живеат во домаќинствата оставени без струја. Исто како и во случајот во Слупчане, од ЕВН велат дека ги користат сите правни мерки со цел да ја решат ситуацијата и дека се обратиле во МВР, па очекуваат со нивна помош наскоро да го санираат дефектот…
Инаку, хроничен проблем, до степен на „урбана даночна легенда“ е дека во селото Арачиново не се плаќа данок на имот. Неодамна, дури и општината мораше да биде нефункционална неколку дена, поради процена на градоначалникот дека има закани по безбедноста на неговиот и животите на вработените.

Во пресекот на хроничните предизвици на правната држава и владеењето на правото е своевидната „јавна тајна“ дека во западниот дел на Македонија, речиси и да не функционира наплатата на ДДВ.

Преференцијалниот статус на еден од малцинските етникуми влијае толку деградирачки, што се загрозени и демократските темели и владеењето на правото

Универзитетската професорка Мирјана Најчевска предупредува дека не смееме дури ни хипотетички да ја разгледуваме варијантата дека ќе ни биде прогледано низ прсти од страна на ЕУ за какво било забошотување во примената на владеењето на правото и правната држава. Таа нагласува дека луѓето што (ќе) го набљудуваат нашиот напредок во реформите имаат знаење, искуство, критериуми и параметри за следење на тој процес и детектирање на сите слабости.
– Етничкиот елемент влијае толку деградирачки, што се загрозени и демократските темели и владеењето на правото. Најсоодветниот опис би бил дека сме доведени во состојба на флуидно општество, кое е спротивно на синергијата на владеењето на правото, а тоа е правната сигурност. Таа правна несигурност токму сега е толку дури загрозувачки присутна во македонското општество. Се случува да се појави министер, кој си воспоставува свои начини на спроведување и видување на правото, што целосно ја изместува предвидливоста на правниот систем, од каде што произлегува правната сигурност. Јавноста е фокусирана на таа глупост што ја прави еден министер, а во меѓувреме можеби уште четворица други министри прават слични глупости, кои не сме ги виделе, зашто сме биле преокупирани со првиот што го манифестирал своето самоволие врз правната држава. Што поскоро мораме да воспоставиме правна сигурност, предвидливост, за вистински да се насочиме кон стабилизирање на правната држава и владеењето на правото – вели професорката Мирјана Најчевска.

И домашна задача и задача директно од Брисел

Иако почетокот на преговорите за членство во ЕУ, сѐ уште се неизвесни од политички и во голема мера непринципиелни причини, владеењето на правото и правната држава се цивилизациска обврска за Македонија, според принципите на меѓународното право и меѓународните организации на кои е членка, а не само како „домашна задача“ за да се исполнат критериумите и барањата на фамозното поглавје 23 од преговарачката рамка, „што прво се отвора и последно се затвора“. Владеењето на правото е основна потреба и предуслов за функционалноста на една држава. Иако со оглед на сите искуства и околности на македонските евроинтерграции е сосема невозможно, дури и хипотетички „на хартија“ да ги почнеме и завршиме преговорите за членство со „прогледување низ прсти“ за поглавјето 23, „црните дупки и сивите зони“ во владеењето на правото дејствуваат како солна киселина на функционалноста и одржливоста на државата и општествениот систем.
– Уште на почетокот на организирањето на независна Македонија направивме системска грешка, создавајќи еден хибрид на национална, мултикултурна и граѓанска држава и општество. Таквиот систем се покажа неодржлив, особено кога се внесе етничкиот елемент, кој направи таков притисок во општеството што не им дава на демократските институции да дишат. Охридскиот договор беше добра база за решение со јасни параметри во однос на етничкото, што треба да се искористи еднократно. Но тој договор, луѓето што требаше да го спроведуваат го искористија за лични, партиски и популистички цели, со целосно запоставување на граѓанскиот елемент и доминација на етничкиот. Во сегашната состојба потребна ни е технократски влада да ги воспостави демократските темели и принципи во општествениот и политичкиот систем – поентира професорката Мирјана Најчевска.