На турнирот во Србија, во конкуренција на 97 шахисти (осум ФИДЕ-мајстори) од 17 земји, Македонија настапи со осум играчи
ОТВОРЕН ТУРНИР „ПАРАЌИН 2022“
ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Роберт Велески (2.111 рејтинг-поени, рангиран на 10-то место пред почетокот на турнирот) постигна голем успех, освојувајќи го второто место на отворениот турнир во класичен шах „Параќин 2022“, во рамките на Шаховскиот фестивал на тој град. Во конкуренција на 97 шахисти (осум ФМ) од 17 држави, Велески од можни девет, освои седум поени (шест победи, еден пораз и две ремија), но и нови 25 рејтинг-поени.
Македонија на турнирот во Србија настапи со осум шахисти. Мајсторскиот кандидат (МК) Антон Златков (рејтинг 2.014) е шести со 6,5 поени (освои 70 рејтинг-поени), МК Стојанчо Димковски (1.968) е осми, исто така, со 6,5 поени (освои 1,2 р.п.), но со послаб дополнителен критериум, Теодор Јовановски (1.740) е 11-ти со шест поени (освои 159,6 рејтинг-поени), Моника Жежовска (1.376) е 38. со 4,5 поени (плус 151,2 р.п.), Давид Николовски (1.667) е 52. со четири поени (плус 55,6 р.п.), Инџи Ајрадиноска (1.174) е 72. со три поени (плус 74,4 р.п.), а МК Матеј Звездакоски (1.921), е 94-ти со 1,5 поен (плус 16 р.п.), но одигра само две кола. Победи Србинот Урош Цветановиќ (2.248, рангиран на второто место) со 7,5 поени.
На турнирот со брзо темпо (време за размислување три минути плус две секунди за секој потег по играч), Димковски (рејтинг 1.961, рангиран на 34-то место пред почетокот на турнирот) го освои солидното 25-то место со 6,5 поени од 11 кола. Во конкуренција на 82 учесника (седум ИМ) од 14 држави, Јовановски (рејтинг 1.453) е 34-ти со шест поени (плус 92,4 р.п.), а Николовски (1.554) е 67. со четири поени. Победи индискиот интернационален мајстор Гиринат (2.333) со девет поени.