Фото: Емил Јовановиќ

Во ова коло загубија двајцата највисокорангирани шахисти во светот, Карлсен и Лирен, по што водат Гири и Абдусаторов со по три поени

ШАХ – ТУРНИР ВО ВАЈК АН ЗЕ, 4-ТО КОЛО

Во четвртото коло на годинашново 85-то издание на традиционалниот и еден од најстарите и престижни шаховски турнири во светот, во холандскиот град Вајк ан Зе, двајцата највисокорангирани шахисти во светот, Магнус Карлсен (2.859 рејтинг-поени) и Динг Лирен (2.811), ги загубија своите партии. Светскиот првак во класичен, забрзан и во брз шах, Норвежанецот Карлсен, загуби од Холанѓанецот Аниш Гири (2.764), а годинашниот претендентот за светската титула, Кинезот Лирен, од младиот Индиец, 17-годишниот Рамешбабу Прагнананда, во 74-от потег.
Дванаесет години порано, точно на 17 јануари 2011 година, тогаш 16-годишниот Гири ја постигна првата победа во класичниот шах над Карлсен. Партијата се играше токму во Вајк ан Зе, Карлсен, кој имаше 20 години, веќе двапати славеше на овој турнир, а таа година беше трет, со еден поен зад победникот, Американецот Хикару Накамура.
Гири никогаш не триумфирал на овој турнир иако двапати го делеше првото место по бројот на бодови, но во дополнителните плејоф-партии, во 2018 година, а потоа и во 2021-та, го загуби првото место.

Во својата втора победа над Карлсен, Гири тргна по стапките на самиот Норвежанец, повторувајќи ги првите 18 потези од партијата помеѓу Карлсен и Швајцарецот Јаник Пелетие (2008). Светскиот шампион ја доби таа партија со бели фигури, но сега проблемите се појавија подоцна, кога Карлсен одигра два потега во низа непрецизно, што на крајот го чинеше губење на квалитетот и пораз во 35-от потег.
Победата го искачи Прагнананда на третото место и заедно со Американецот Фабијано Каруана има половина поен помалку од водачите Гири и младиот Узбекистанец Нодирбек Абдусаторов (18). Абдусаторов, по слободниот ден, го очекуваше дуел со Карлсен. Гири и Абдусаторов засега го делат првото место со по три поени од четири можни.
Резултати 4. коло: Гири – Карлсен 1-0, Динг – Прагнананда 0-1, Рапорт – Каруана реми, Абдусаторов – Магсодлу 1-0, Со – Аронијан реми, Кејмер – Еригаиси реми, Ван Форест – Гукеш реми. Табела: Гири и Абдусаторов по три поени, Каруана и Прагнананда по 2,5, Аронијан, Еригаиси, Карлсен, Со и Динг по два, Магсодлу, Рапорт, Кејмер, Ван Форест по 1,5, Гукеш еден поен. Г.И.