Фото: Игор Бансколиев

Големите празнични чествувања секогаш се соодветен повод за политичарите покрај честитките да упатат и политички пораки, поврзувајќи ја симболиката на празникот како мотивација за соочување со актуелните општествени и политички предизвици во државата. Оваа протоколарна практика и за празнувањето на Богојавление-Водици вчера ја искористија речиси сите политичари во Македонија, како од државниот врв така и партиските лидери

Пораките на политичките лидери од прославите на Богојавление-Водици

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во својата честитка до верниците за празникот Богојавление-Водици, порача симболиката на прочистените води да биде мотив за духовно прочистување и инспирација за добри дела.
– Чинот на фрлање на светиот крст и годинава ќе нѐ собере покрај македонските води за заедно да го посведочиме јавувањето на Бог и да ги наполниме срцата со надеж и верба. Симболиката на прочистените води нека ни биде мотив за духовно прочистување и инспирација за добри дела. Да негуваме разбирање слога и човекољубие, постојано дарувајќи љубов, грижа и внимание. Нека ни е честит и вековит празникот Богојавление-Водици! Бог се јави! – се наведува во честитката од Пендаровски.
Премиерот Димитар Ковачевски упати писмо до поглаварот на Македонска православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, до Светиот архијерејски Синод, до свештенството и монаштвото на МПЦ-ОА и до сите верници, во кое го честита големиот христијански празник.
– Симболиката на вековното празнување на Богојавление-Водици во Црквата и во народната традиција, што потсетува на Исусовото крштевање во реката Јордан, има длабоко и суштинско значење, бидејќи упатува на обновата како на неминовен дел од духовниот развој на личноста, но и на заедницата – е наведено во соопштението од владината прес-служба.
Денес, посочува Ковачевски во писмото, заедничко добро е да се осигури мирот и да се обезбедат егзистенцијата и просперитетот со разбирањето, грижата едни за други и со заедничка поддршка на развојот, како предизвик и обврска на секој совесен човек.
– Повикани сме сите кон оваа цел да ги вложиме и обединиме нашите стремежи – посочува премиерот.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во честитката по повод Богојавление-Водици од свое и од име на сите пратеници порача дека единствената и најважна цел за сите нас секогаш ќе биде просперитетна и безбедна иднина, мир во земјава, еднакво, правично, напредно и, пред сѐ, хумано општество во кое секој ќе се чувствува рамноправен и ќе се грижи еднакво за личниот и колективен напредок на земјата.

– Лесно е да се руши, храброст е да се зачува и надгради создаденото за да трае вечно. Нека водата, која е симбол на Богојавление, ги однесе сите препреки и тешкотии и нека помогне со бистар ум и јасна цел да донесеме државнички одлуки што значат живот за Република Северна Македонија. Почитувани граѓани, нека е за многу години празникот! – порача Џафери.
Честитајќи го верскиот празник Богојавление-Водици, лидерот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, констатира дека „традицијата и историјата на овие простори покажеле дека доброто секогаш победувало“. Но, наедно, истакнувајќи дека овој светол ден е симболот на духовното раѓање и како таков нѐ потсетува сите нас на духовните вредности што мора да ги негуваме, Мицкоски ја обвини власта за пад на вредносните принципи, бидејќи, како што наведува, е водена само од бизнис и материјални интереси.

– Таквите личности се изворот на криминалот и корупцијата што ја осиромашуваат Македонија и кои ги прават граѓаните сѐ повеќе апатични и безнадежни. Целта на овие луѓе во власта е да ја осиромашат Македонија и духовно, да ја убијат надежта на народот и така да владеат со понижен и скршен народ. Но традицијата и историјата на овие простори покажале дека доброто секогаш победувало – се наведува во честитката од Мицкоски.
Народот, додава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, секогаш знаел да се издигне и да ги победи сите предизвици и проблеми со сплотеност и заеднички сили, затоа што можел да се обедини околу интересот на државата и на граѓаните.
– Јас верувам во нескршливиот дух на овој народ, јас верувам дека силата и волјата на граѓаните ќе ја донесат новата надеж за подобра иднина. Нека големиот празник Богојавление-Водици ги обедини граѓаните и нека им даде поголем мотив за борба за подобра иднина. Нека е за многу години! Бог се јави, навистина се јави! – го честита празникот Христијан Мицкоски. Ј.П.