Секогаш верувам во квалитетите на Георгиевски, тој е голем борец, интензивно се подготвуваше за овој турнир и очекувам да освои еден од медалите. На овој турнир првото место носи 60 бода, второто 40, а третото 20 бода. Освоените поени ќе значат и чекор поблиску до ЛОИ 2024 во Париз, што е и наша главна цел, вели неговиот тренер Костовски

ТАЕКВОНДО – СВЕТСКА ГРАНПРИ-СЕРИЈА

Македонскиот таеквондист, член на клубот Бутел од Скопје и носител на сребрен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) лани во Токио, Дејан Георгиевски, ќе биде пред нов голем предизвик на меѓународната сцена. По последниот голем успех на силниот меѓународен турнир од серијата Г2, „Опен Албанија“, во почетокот на месецов во Тирана, каде што Георгиевски предводен од селекторот на репрезентацијата на Македонија и тренер на клубот Бутел, Борче Костовски, ги освои првото место, златниот медал и нови 20 поени, тој денес патува за Манчестер, каде што в недела ќе настапи на мошне силен гранпри-турнир од светската серија, по оној во Рим и Париз.
– Последниот успех во Тирана на олимпиецот Георгиевски, секако дека претставува добра увертира за претстојниот гранпри-турнир, кој в недела го очекува во Манчестер. На овој турнир ќе настапат најдобрите 32 таеквондисти во олимписка категорија, што значи дека Дејан ќе се бори во категоријата над 80 кг, а не во неговата стандардна над 87 кг. На овој турнир првото место носи 60 бода, второто 40, а третото 20 бода. Освоените поени ќе значат и чекор поблиску до ЛОИ 2024 во Париз, што е и наша главна цел. Од Македонците ќе настапи само Геогиевски, оти таму одат само најдобрите 32 по ранг од секоја категорија – вели Борче Костовски, селектор на македонската таеквондо-репрезентација и тренер на Георгиевски.
Конкуренцијата ќе биде многу силна, но Костовски верува во квалитетите на Георгиевски, кој досега ги презентирал повеќепати, и очекува медал.
– Турнирот е со елиминациски карактер, нема можност за репасаж, кој, пак, постои само на олимпискиот турнир, кој е наедно и најсилен, односно од рангот Г-20. Секогаш верувам во квалитетите на Георгиевски, тој е голем борец, интензивно се подготвуваше за овој турнир и очекувам да освои еден од медалите. Ова е трет ваков турнир, на првиот, во Рим, Георгиевски беше трет, а на вториот, во Париз, не настапи, го одморивме. Пласман на ЛОИ обезбедуваат првите шест од олимписката ранг-листа, а на ЛОИ настапуваат по 16 во категорија – вели Костовски.

Третиот настан од Светската гранпри-серија на таеквондо во 2022 година во Манчестер треба да биде еден од најконкурентните сезонава со најмалку шест олимписки шампиони, кои потврдија дека ќе настапат од 21 до 23 октомври, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) на својата интернет-страница. Фокусот ќе биде ставен на фаворитите што се во добра форма, како што се Симоне Алесио и Зонгши Луо, во трка по трет гранпри златен медал сезонава, по победите во Рим и во Париз, пишува ИОК.
Гранпри-турнирот е важна станица на патот кон ЛОИ 2024, бидејќи 256-те поканети спортисти имаат шанса да освојат поени за пласман на олимписките квалификации пред Светското првенство (СП) во Мексико и финалето од серијата што ќе се одржи во Саудиска Арабија во декември. Во категоријата над 80 кг, покрај Георгиевски, таму се олимпискиот шампион од 2016 година, Чеик Салах Сисе од Брегот на Слоновата Коска, кој сака да го изедначи или да го подобри своето второ место од Рим зад победникот во серијата Емре Атесли од Турција, кој е второрангиран во Манчестер, зад Бразилецот Икаро Мигел Соареш, а на татамите ќе бидат и победникот на гранприто во Париз, Рафаел Алба од Куба, и поразениот финалист, Хрватот Иван Шапина, потоа Маикон Сикеира од Бразил, кој беше трет на ЛОИ 2016, кои се, исто така, фаворити за злато во Манчестер, покрај Георгиевски, пишува ИОК. Г.И.