СП во забрзан шах почна вчера (со вкупно 11 кола), а во брз ќе се игра в четврток и в петок (17 кола), за вкупен награден фонд од еден милион долари. Актуелни светски шампиони во забрзан шах се Абдусаторов и Костењук, а во брз шах Вашер-Леграв и Асаубајева

ПОЧНА СП ВО ЗАБРЗАН И ВО БРЗ ШАХ ВО КАЗАХСТАН

Светското првенство (СП) во забрзан и во брз шах и официјално беше отворено вчера во казахстанскиот град Алмати, со 90-минутен спектакл. Спортската палата „Балуан Шолак“ беше преполна со гледачи, кои дојдоа да го прослават отворањето на СП, кое по една деценија се врати во Казахстан, информира Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, изрази благодарност до Казахстан за организацијата на овој голем шаховски настан.
– Благодариме што нѐ примивте. Една година по ветеното успеавте да го исполнивте ветувањето. Во следните неколку дена ќе го славиме шахот, сите ја сакаме нашата игра. Возбудени сме поради овој настан. Тоа не е само спорт, тоа не е само игра. Тука ќе учествуваат шахисти од целиот свет. Големите играчи ќе го покажат најдоброто од себе, а публиката ќе ужива – изјави Дворкович.
Завршниот дел од церемонијата беше извлекувањето на ждрепката. Кога на сцената излегоа прворангираните играчи во секоја категорија, Русинката Катерина Лагно (брз шах), Русинката Александра Костењук (забрзан шах), Американецот Хикару Накамура (брз шах) и Норвежанецот Магнус Карлсен (забрзан шах), беа пречекани со огромен аплауз од публиката. Во присуство на главниот судија, Иранецот Амир Ерфан Хашеми, и челниците на Шаховската федерација на Казахстан, беше извлечена бојата на фигурите во првата партија. Така Лагно ги извлече белите фигури, а Костењук, Накамура и Карлсен црните. СП во забрзан шах почна вчера (вкупно 11 кола), а во брз ќе се игра в четврток и в петок (17 кола).
Вкупниот награден фонд изнесува еден милион долари, од кои 700.000 е за отворените, а 300.000 за женските првенства. СП во забрзан и брз шах во двете конкуренции се одржуваат секоја година од 2012 година. Во забрзан шах секој играч има по 15 минути за размислување, а по секој одигран потег ќе добие уште 10 секунди, почнувајќи од првиот потег. Актуелни светски шампиони во забрзан шах се Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов и Костењук, а во брз шах Французинот Максим Вашер-Леграв и Казахстанката Бибисара Асаубајева. Г.И.