Далас го победи Лос Анџелес лејкерс, со 124-115, во натпревар од кошаркарската НБА-лига, на денот на кој на легендата на Далас, Германецот Дирк Новицки, му беше откриена статуа пред арената. Лука Дончиќ постигна 32 поена, Тим Хардавеј Јуниор имаше 16 од неговите 26 поени во одличната трета четвртина за Далас. Леброн Џејмс постигна 38 поени, еден помалку од неговиот рекорд сезонава.
Статуата го прикажува препознатливиот шут на Новицки, со одраз наназад на една нога. Новицки има улица што го носи неговото име блиску до арената на Далас, каде што, пак, неговиот дрес е пензиониран, и сега има статуа од седум метри на плоштадот јужно од арената, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“.
– Беше емотивно – рече Новицки, единствениот кошаркар во НБА-лигата што ги помина сите сезони, вкупно 21, со ист клуб, со кој ја освои титулата во 2011 година, единствена досега на Далас.
Прославата се случи четири дена откако Новицки, најефикасниот странец во НБА-лигата, беше номиниран за влез во Куќата на славните во кошарката. Новицки е шести на листата на стрелци во кариерата, со 31.560 поени, и лидер во секоја друга значајна офанзивна категорија за Далас. Тој е консултант на сопственикот на клубот, Марк Кубан, и поголемиот дел од времето го поминува во Далас.