КОЊИЧКИ СПОРТ – ОКТОМВРИСКИ ТУРНИР ВО ДРЕСУРНО ЈАВАЊЕ

На теренот на скопскиот коњички клуб Анималс, кој се наоѓа во населбата Дрма, се одржаа вториот Октомвриски коњички турнир и третото коло од Отвореното првенство на Македонија во дресурно јавање за годинава. На распоредот беа четири натпревари во категориите А, М и ЛМ и пони-јавачи, со музика во слободен избор во времетраење од три до четири минути, а најуспешна натпреварувачка со две први места беше Ева Крстовска од клубот Анималс.
Во категоријата пони-јавачи (деца) првото место го освои Крстовска со грлото „Доктор Ди“ со 62 отсто освоени бода, а втора беше Лана Ефтимоска со грлото „Змеј“ од КК Анималс со 56,4 отсто освоени бода. Во категоријата А (деца) повторно триумфира Крстовска, но овој пат со грлото „Војвотка“ со 65,2 отсто освоени бода, второто место го освои Калина Колевска со грлото „Прешес“ од КК Анималс со 59,6 отсто освоени бода, а третото ѝ припадна на Матеа Димовска со грлото „Нур“ од КК Анималс со 55,9 отсто освоени бода.
Во категоријата ЛМ (деца) победи Лиа Кајев со грлото „Аполо“ од КК Анималс со 60,29 отсто освоени бода, а втора беше Сандра Маслинко со грлото „Војвотка“ од КК Анималс јуниор со 53,8 отсто освоени бода. Во категоријата М (јуниори) славеше Леонида Гроздановска со грлото „Џилдан“ од КК Анималс јуниор со 57,9 отсто освоени бода, а втора беше Кристина Антовска со грлото „Дон Октавијан“ од КК Анималс сениор со 53,8 отсто освоени бода. Г.И.