Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Фудбалските репрезентации на Австрија, Белгија, Франција, Португалија и на Шкотска може да обезбедат пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Германија, во првите квалификациски натпревари во октомври, на програмата од четврток до сабота, пишува Европската фудбалска унија (УЕФА).
На ЕП 2024 ќе настапат 24 репрезентации, засега само домаќинот Германија има обезбеден пласман. На континенталното првенство в година ќе играат првопласираните две репрезентации од секоја од десетте квалификациски групи.
Слободните три места ќе се пополнат со плејофот, во кој сигурно место имаат победниците на групите во лигите А, Б и Ц од Лигата на нации, а тоа се селекциите на БиХ, Хрватска, Грузија, Грција, Израел, Италија, Казахстан, Холандија, Шкотска, Србија, Шпанија и на Турција (три селекции се од групата А, и тоа Шкотска, Шпанија и Грузија). Ако некоја од овие 12 репрезентации обезбеди директен пласман на шампионатот преку квалификациите, таа ќе ѝ го отстапи своето место во плејофот на друга репрезентација, според рангирањето во Лигата на нации.
УЕФА објави неофицијални пресметки во пресрет на седмото коло од квалификациите, од четврток до сабота, за потенцијалните пласмани на некои репрезентации на ЕП 2024. Така, во групата А, селекцијата на Шкотска ќе се пласира на Европското првенство ако задутре ја победи Шпанија на гости или ако Норвешка не победи (гостува кај Кипар). Во групата Б, Франција ќе игра на ЕП 2024 ако в петок ја совлада Холандија на гости, или ако ремизира, а Грција загуби (гостува кај Република Ирска). Во групата Ф меѓу себе в петок играат Австрија и Белгија, а победникот ќе се пласира на ЕП (во ова коло се среќаваат и Естонија – Азербејџан). Во групата Ј в петок играат Португалија – Словачка, Лихтенштајн – БиХ и Исланд – Луксембург, а репрезентацијата на Португалија ќе обезбеди место на ЕП 2024 ако победи или ако ремизира, а Луксембург загуби.
Во ова коло ниту една селекција од другите групи не може да обезбеди пласман на ЕП 2024. В сабота во групата Ц играат Украина – Македонија и Италија – Малта, во групата Г Унгарија – Србија и Бугарија – Литванија, а во групата Х Данска – Казахстан, Словенија – Финска и Северна Ирска – Сан Марино. Задутре во групата Д се среќаваат Хрватска – Турција и Летонија – Ерменија, во групата Е играат Албанија – Чешка, Фарски Острови – Полска, а во групата И двојките се Белорусија – Романија, Андора – Косово и Израел – Швајцарија (мечот е одложен, објави УЕФА). Н.М.