Ивана Манова/Фото: Официјална страница на ЕКК

ШАХ – ЕВРОПСКИ КЛУПСКИ КУП, 1. КОЛО

Во првото коло на Европскиот клупски куп (ЕКК), на кој играат 110 клуба од 34 шаховски федерации, во Драч (Албанија), македонските претставници забележаа две победи и три пораза. Кај мажите победа со 4-2 забележа Гамбит Асеко СЕЕ (2.376 рејтинг-поени, рангиран 31. пред почетокот на ЕКК) против исландскиот клуб Гонзага (2.070, рангиран 73.). Вториот претставник Прилеп (2.040, рангиран 75-ти) загуби со 1,5-4,5 од исландски Викинг (2.339, рангиран 33-ти). Во женска конкуренција максимален триумф оствари Центар Асеко СЕЕ (2.326, рангиран седми) против шведскиот клуб Васа (2.082, рангиран 20-ти). Другите две екипи загубија, Гостивар (2.084, рангиран 19-ти) од белградска Црвена звезда (2.351, рангирана шеста) со 1-3 и Куманово (2.096, рангиран 17-ти) од фаворизираниот клуб Гас Украина (2.384, рангиран четврти) со 0-4.

Во машка конкуренција (се игра на шест табли) учествуваат 84 клуба со вкупно 599 шахисти (129 велемајстори), со просечен рејтинг на турнирот од 2.225 поени.

Прворангиран е Суперчес (2.711), на чело со поранешниот светски првак, Индиецот Вишванатан Ананд (2.754). Во женска конкуренција (се игра на четири табли) учествуваат 26 клуба со 121 шахистка (12 ВМ, 9 ЖВМ) и играчки просек од 2.143 рејтинг-поени. Прворангиран е Монте Карло (2.496). Титулите од лани ги бранат чешки Нови Бор (мажи) и австриски Памхаген (жени). Г.И.