Сметам дека поставивме добра база за унапредување на играта низ подлабоки анализи и владеење со позициите, како и реализација на предност во завршници, рече Недев, кој беше еден од предавачите, лиценцирани ФИДЕ-тренери, заедно со Станојоски, Јаќимовиќ, Богдановски и Стојановски

ШАХ

Слободните денови од зимскиот распуст за учениците беа искористени за нови подготвителни активности за младите шахисти на ШК Алкалоид. Во согласност со процените на тренерите беа формирани четири групи со играчи што се сметаат како напредни во своите генерациски класи. Клупските простории во центарот на Скопје беа локацијата за одржување на зимските кампови, а предавачи беа лиценцираните ФИДЕ-тренери, велемајсторите (ВМ) Трајко Недев, Звонко Станојоски, Драгољуб Јаќимовиќ и Влатко Богдановски, како и интернационалниот мајстор (ИМ) Дејан Стојановски.
– Ова се младинци што веќе се во шаховските води повеќе од пет години и имаат поминато голем број тренинзи и едукации, па во програмата за работа главен акцент беше ставен на анализата на сложените позиции. Факторите за оценување на позицијата во такви услови подразбираат континуирано барање одговори за прашањата што се наметнуваат при одредени структури. Работевме четири дена и сметам дека поставивме добра база за унапредување на играта низ подлабоки анализи и владеење со позициите, како и реализација на предност во завршници – рече Недев, кој работеше со постарите јуниори.
Стојановски работеше со помладите категории.
– И кај групите помлади шахисти со понизок рејтинг, клубот реши да инвестира во нивниот подем, бидејќи цени дека тие се оние што покажале најмногу досега и би требало да бидат носители на играта во своите старосни категории на јуниорските државни првенства. Кампот беше искористен за потсетување на главните принципи за напредок во шаховската игра, почнувајќи од она што се случува на самата табла како анализа, определување кандидат-потези и носење одлуки во клучни моменти, но разговаравме и за теми што современата психологија ги сугерира при занимавање со спорт и со шах, како и поттикнување самостојна работа во домашни услови – вели Стојановски. Г.И.


Николовски го подели второто место на турнир во Параќин

Актуелниот младински првак до 14 години Кирил Николовски веднаш по кампот во Скопје замина на меѓународниот отворен турнир во Параќин, каде што настапи на Б-турнирот за шахисти со рејтинг до 2.000 поени. Со пет победи и четири ремија, но без пораз, тој се најде на делба на второто место заедно со кинеската млада шахистка Јункинг Жао, која претходно ја победи во директен дуел. Николовски беше најуспешен од шесте македонски претставници што учествуваа на овој турнир.