Новиот дизајн од класата 600 кубни сантиметри со кој македонскиот шампион во брзински мотоциклизам Христијан Бузалковски, заедно со неговиот тим „71 Team“, ќе настапува на БМУ Европскиот шампионат, беше промовиран на денешната прес-конференција.
За љубителите на овој спорт и за македонска јавност, моторите од повисоката класа Ф600 со кои европскиот шампион ќе ја брани титулата, ќе бидат изложени заклучно со утрешниот ден во Скопје Сити Мол.
– Среќни сме што оваа сезона имаме можност да ги претставиме моторите во Скопје Сити Мол и да го доближиме мото спортот за момент поблиску до пошироката јавност. Оваа сезона ќе настапиме на БМУ Европскиот шампионат во класата Ф600 и наша цел ќе биде да ја одбраниме титулата. Огромна благодарност до сите што нѐ поддржуваат на секаков можен начин, а ние ќе се потрудиме да ве направиме горди – изјави Бузалковски кој и покрај тешките предизвици, минатата сезона успеа да оствари две победи на трките на кои се натпреваруваше.
Тимот „71 Team“ веќе следната недела тргнува за Серес во Грција, на последните припреми, односно на финалниот тест пред да почне сезоната. Самиот шампионат стартува токму од таа патека, на 8 април, а Бузалковски и екипата, со позитивна мисла и верба во себе, ќе дадат сѐ од себе да ја одбранат титулата и повторно да ја направат Македонија горда.
За потсетување, Христијан љубовта кон брзинскиот мотоциклизам ја добил уште од мали нозе, од неговиот татко, кој вози повеќе од 30 години, а својот прв вистински мотор го добил на 13 годишна возраст.
Со првата европска титула во БМУ, Бузалковски се закити во 2018 година.