Доделени „златните малини“ за 2021 година

Снимената верзија на мјузиклот на Нетфликс за принцезата Дијана освои дури пет награди за најлошо филмско остварување за минатата година, а кошаркарската легенда Леброн Џејмс е прогласен за најлош глумец во римејкот на филмот „Спејс Џем“ на годинашното доделување на „златните малини“.
„Мјузикл за Дијана“ (Diana the Musical) беше прогласен за најлош во пет категории, вклучувајќи ја и онаа за најлош филм и најлоша глумица за Џина де Вал, која го играше ликот на починатата британска принцеза. Лани „Гардијан“ го оцени мјузиклот како „кралски дебакл“, а „Венити фер“ го означи како „производ што е создаден исклучиво од студен, материјално насочен цинизам“.

Џуди Кеј освои награда за најлоша споредна глумица за улогата на кралицата, додека мјузиклот доби награда и за најлоша режија и за најлошо сценарио.
Џеред Лето, кого некои го предлагаа за „оскар“ за улогата во филмот „Куќата на Гучи“, ќе мора да се задоволи со „златна малина“ за споредна машка улога.
Брус Вилис ја имаше „честа“ да добие специјална награда, насловена „најлошата улога на Брус Вилис“, а од осумте номинирани филмови, „Космик син“ (Cosmic Sin) беше предводник на листата.
„Златните малини“ се доделуваат за најлоши кинематографски остварувања еден ден пред доделувањето на „оскарите“, па често ги нарекуваат и „грд роднина“ на посакуваната златна статуетка.