Двесте врвни светски готвачи забрзано деновиве се подготвуваа за свечениот коктел што беше приреден за добитниците на престижните филмски награди „оскар“.
Познатиот шеф Вофган Пак и неговата компанија за кетеринг, заедно со колективот „Гето гастро“ од Бронкс, создадоа уникатно мени за оваа пригода.
– Тоа е тешка задача за готвачите и бара неколкунеделно внимателно планирање и приготвување, за да се нахранат 1.500 гости што присуствуваа на доделувањето на златните статуетки. Очигледно е дека ова е голем настан и затоа во кујната беа ангажирани 200 готвачи. Во салата за свечена вечера имаше 600 луѓе, а вкупно опслуживме 1.500 лица. И сѐ се подготвуваше во последен момент, за да биде свежо – изјави Пак за „Дарик њуз“.
Што имаше на менито годинава? Меѓу другото, омилени јадења на некои од номинираните глумци и режисери, како јајца „Бенедикт Кумбербач“, а некои беа инспирирани од филмовите, како пица „Ликорич“.
Едни од најинтересните беа чоколадните мини-статуетки „оскар“, кои на гостите им се подаруваа во кутии, за да ги однесат дома.
– Нашите слатки „оскари“ се направени од 70 отсто чоколадо, и тоа француско – откри шефот Гари Лардуинат.