Најдобриот македонски таеквондист Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг) го освои третото место на турнирот од серијата Г2 и нови седум бода за рангирањето за пласман на Летните олимписки игри во 2024 година во Париз
Најдобриот македонски таеквондист Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг) ги освои третото место и бронзениот медал на „Президент-купот“, турнир што е од серијата Г2, викендов во Истанбул (Турција).
Георгиевски, кој е освојувач на сребрен медал од Летните олимписки игри (ЛОИ) одржани во 2021 година во Токио (Јапонија), во првото коло го победи Азербејџанецот Хамидреза Бадријалибјади со 2-0 во рунди (4-0 и 3-1), во второто коло беше поуспешен во дуелот со домашниот натпреварувач Берат Хусеин Демирчиоглу, исто така, со 2-0 во рунди (3-0 и 6-5). Во полуфиналето загуби од олимпискиот шампион Чеик Салах Сисе од Брегот на Слоновата Коска со 2-0 во рунди (0-4 и 1-3), со што го освои третото место и нови седум бода за рангирањето за пласман на Летните олимписки игри во 2024 година во Париз (Франција).
– Колку беше во можност да тренира, Георгиевски добро се бореше. Но познавајќи го, тој секогаш може подобро, оти спаѓа во самиот светски врв во овој олимписки спорт. На крајот од месецот ќе знаеме на кое место ќе биде на ранг-листата, ама сигурно ќе биде меѓу првите седум. Штета што поради повреда на коленото во Истанбул не отпатува Филип Додевски (до 87 кг), кој, исто така, е во врвот на светското таеквондо – ни изјави селекторот на македонската репрезентација, Борче Костовски.
Другите македонски таеквондисти беа поразени во првото коло. Анамарија Георгиевска (до 73 кг) загуби од Карлота Занони Пијагет од Шпанија (1-2), Мила Рељиќ (до 62 кг) од Сефика Чакал (0-2) од Турција, Сања Поповска (до 57 кг) од Амна Могхал (0-2) од Норвешка, а Фросина Рајковска (до 46 кг) од Суехеда Челик (0-2) од Германија. Г.И.