Од четворицата македонски претставници најдобар пласман оствари ИМ Тони Лазов, кој го освои 129-то место со шест поени

ПОЕДИНЕЧНО ЕП 2025

Германскиот велемајстор (ВМ) Матијас Блубаум (2.643, рангиран 17. пред турнирот) триумфира на 25. поединечно Европско првенство (ЕП) во шах, во Ефорие Норд (Романија). Тој е првиот играч што двапати станал шампион на ЕП (претходно беше прв во 2022 година). По 11 кола тој освои 8,5 поени (шест победи и пет ремија). Ист број поени, со ист резултат победи и ремија, но со послаб дополнителен критериум, имаа и неговиот сонародник ВМ Фредерик Сване (2.654, 10-ти), кој е втор (како и лани), и ВМ од Израел, Максим Родштајн (2.623, 30-ти), кому му припадна бронзата. Првите 20 играчи се пласираа на Светското првенство годинава, кое е дел од циклусот за светски првак.

Во мошне силна конкуренција на 375 шахисти од 40 држави (100 ВМ, два ЖВМ, 75 ИМ, девет ЖИМ, 72 ФМ, осум ЖФМ) настапија и четворица македонски шахисти. Интернационалниот мајстор (ИМ) Тони Лазов (2.400, 167.) го освои 129-то место со шест поени (три победи, шест ремија и два пораза) и нови 10,4 рејтинг-поени со играчки перформанс од 2.451 р.п. Ист број поени (две победи, осум ремија, еден пораз) имаше и ИМ Емил Ристески (2.365, рангиран 183.), кој го освои 168. место. ИМ Филип Панчевски (2.421, рангиран 152.) е 187. со 5,5 поени (четири победи, три ремија, четири порази), сите тројца членови на ШК Алкалоид, а ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Роберт Велески (2.093, рангиран 309.) е 315-ти со четири поени (три победи, две ремија и шест порази). Во 11. коло Лазов и Ристески ремизираа, Панчевски и Велески ги загубија своите партии, а сите играа против посилнорангирани шахисти од нив.
– Генерално сум задоволен од мојата игра, но резултатски не сум воопшто. Имав осум ремија, што за мене е невообичаено, затоа што играм агресивен шах, кој најчесто завршува со одлучувачки резултат. Сите играчи на турнирот беа мошне силни, без разлика на нивниот рејтинг, па беше многу тешко да се стигне до цел поен. Секоја партија беше една голема борба – ни изјави ИМ Ристески.

Македонија двапати беше домаќин на вакво квалитетно и масовно натпреварување. Првиот пат во Охрид во 2001 година (меѓу 203 учесници победи ВМ од Израел Емил Сутовски) и потоа во 2019 година во Скопје (меѓу 361 учесник славеше Русинот Владислав Артемиев). Лани ВМ Евгениј Романов беше единствениот Македонец што настапи на ЕП (70-то место со 6,5 поени, а шампион беше ВМ од Србија Александар Инџиќ, кој годинава не настапи). Г.И.