Атлетичарот од САД го истрча третиот најбрз резултат на 110 метри со пречки на сите времиња и ќе потпише тригодишен договор со НФЛ-тимот Филаделфија иглс, првак во американски фудбал во 2018 година
Девон Ален, атлетичарот од Феникс, Аризона, кој го истрча третиот најбрз резултат на 110 метри со пречки на сите времиња, на трката во Њујорк во минатата сабота, победувајќи го светскиот шампион и колега од САД, Грант Холовеј, наскоро ќе потпише тригодишен договор со тимот од Националната фудбалска лига (НФЛ), Филаделфија иглс (првак во 2018 година). Но тој ќе остане и во атлетиката и во американскиот фудбал, наместо да напушти еден од двата спорта, пишува Светската атлетика (СА) на својата интернет-страница.
– Сите велат дека се откажувам. Не се откажувам. Во текот на фудбалската сезона ќе играм фудбал. И штом ќе дојде февруари и ќе го освоиме Супербоулот, се надевам дека ќе се вратам и ќе почнам да тренирам атлетика и да се подготвам за големите првенства – вели Ален, пренесе СА.
Запрашан дали играњето американски фудбал може да го повреди за атлетиката, тој вели: „Имав две повреди на лигаментите во 2015 и во 2016 година играјќи американски фудбал за колеџ. Закрепнав од тоа. Мислам дека во атлетиката повреди ќе се случуваат, очигледно во фудбалот има малку повеќе контактни повреди, а во атлетиката може да има претежно повреди на мускулите. Морам да ги направам најдобрите работи за да управувам со моето тело, бидејќи тоа е она што ќе ми овозможи да истрчам за 12,7 секунди и да играм во НФЛ-лигата“.
Ален во трката на 110 метри со пречки оствари време од 12,84 секунди (светскиот рекорд на Ариес Мерит е 12,8 секунди, а вториот најдобар резултат е 12,81 секунди, на Холовеј).
– Секогаш верував дека можам да го направам тоа. Тоа е причината зошто сум тука, во атлетиката, бидејќи верувам дека можам да бидам најдобар во историјата на спортот. Тренинзите се одвиваат навистина добро. Тренирав американски фудбал во април и во мај. Некое време тренирам само еден или два дена во неделата на патеката, трчајќи за 13,1 и 13,2 секунди, доста солидно. Во почетокот на годинава, во сала, решив да имам седум чекори наместо осум до првата пречка, а тоа нема да кажам дека ја менува играта, бидејќи минатата година трчав брзо со осум, но навистина ми помогна да бидам рано во трката, а потоа да ги искористам последните пречки, во кои отсекогаш сум бил добар. Да имав старт како Грант, веројатно ќе имав време од 12,6 секунди досега. Но тој е најголемиот во историјата на 60 метри со пречки и веројатно најдобриот стартер. Јас и Грант зборувавме за тоа. Реков: „Научи ме како да почнам“, а тој рече: „Научи ме како да ги поминувам последните четири пречки“ – вели Ален.