Олена Зеленска/Фото: Фејсбук

Првата дама на Украина, Олена Зеленска (44), признава дека неволно дава интервју, делувајќи исцрпено при нејзината појава во син костум, во претседателскиот комплекс околу кој се наоѓаат бодликава жица, вреќи со песок и снајперски позиции, каде што се сретна со екипата на британски „Економист“.

Но нејзиното расположение се поправа кога се слуша познат глас преку отворената врата. Набргу се појавува насмеаниот украински претседател Владимир Зеленски, но потоа добива сериозен израз на лицето при забележување на новинарите. Во следните пет минути предвидената фотосесија на Олена Зеленска се претвора во шоу на нејзиниот сопруг.

– Сакав да ја видам сопругата, а сега вие ме терате да работам – вели украинскиот претседател, на што Олена Зеленска одговара дека секогаш е возбудливо со Владимир, со кого се заедно од средношколските денови.

Таа зборува за првите денови од војната и за нејзината грижа за децата, деветгодишниот Кирило и 17-годишната Олександра.

– Сфатив дека не разбирам ништо, но бев одговорна за децата и требаше да реагирам на ситуацијата – вели Олена, објаснувајќи како заедно со децата итала во засолниште кога се слушале сирените за тревога.

Првата дама на Украина се осврна и на еволуцијата на нејзиниот сопруг од шоумен до државник, како што наведува „Економист“.

– Илузија е дека актерот останува актер. Тој е отворен колку што еден човек може да биде. Јас можам да му го прочитам лицето како книга, а сигурна сум дека и вие можете да го сторите тоа. Владимир секогаш вели дека јас премногу го критикувам, а никогаш не го фалам доволно – истакнува Олена Зеленска.

Таа е загрижена дека голем дел од потенцијалот на државата исчезнал со бегството на многумина Украинци во странство, но нагласува дека засега целта на секој Украинец е да „преживее по секоја цена“. Зеленска е загрижена и за нејзините деца.

– Се надевам дека кога тој ќе има 18 години, ќе имаме долги години на живеење во слободна и мирна држава. Најстрашно е што им кажува на сите дека сака да биде војник – заклучува првата дама на Украина во разговорот за „Економист“.