Вашингтон редскинс (името значи црвенокожци – н.з.) веројатно ќе го смени името, откако клубот во американската лига во американски фудбал (НФЛ) вчера објави дека „ќе ја преиспита употребата на името“ поради притисокот со кој се соочува, пренесува И-ес-пи-ен повикувајќи се на сопствен извор.

Сопственикот на тимот Ден Снајдер беше под уште поголем притисок во изминатите недели за промена на името поради националното внимание кон човековите права и оптествената неправда по смртта на Џорџ Флојд во Минесота.

– Процесот му овозможува на клубот да ја земе предвид, не само гордата традиција и историја на франшизата, туку и увидот на организацијата, спонзорите, НФЛ и на локалната заедница која гордо ја претставува на и надвор од теренот – истакна Снајдер преку соопштение.

Комесарот на НФЛ-лигата, Роџер Гудел соопшти дека лигата имала тековни разговори со Снајдер и го поддржува овој важен чекор.

Компанијата „Федекс“ која ги има правата за именување на стадионот на клубот, според договорот вреден 205 милиони долари кој важи до 2025 година, побара од Редскинс да го сменат името.

Гигантот за спортска опрема „Најк“ ја отстрани сета опрема на Редскинс од нивната онлајн-продавница. И останатите спонзори како што се „Пепси“ и „Банката на Америка“ изразија поддршка за промена на името на клубот.

Во 2014 година, индијанското племе Онеида побара од акционерите на „Федекс“ да размислат за договорот за именување на стадионот, кои сепак останаа доследни со водечките луѓе на компанијата за почитување на договорот.

Лидерите на домородните Американци сакаат Снајдер да го смени името кое клубот го носи уште од 1933 година. Во минатото, разни групи протестираа против името и безуспешно се обидоа да го сменат по судски пат.

Се очекува дека Редскинс би можеле да го сменат името до почетокот на новата сезона во НФЛ која треба да почне наесен.

Обложувачниците им даваат најголеми изгледи на имињата „президентс“, „џенералс“ и „линколнс“. А меѓу можните имиња на Вашингтон се спомнуваат „редтејлс“, „вориорс“, „монјументс“…