Британскиот атлетичар Мо Фара ќе се врати на aтлетската патека првпат по 2017 година, во обид да го собори светски рекорд за мажи во трчање еден час (атлетичарите се обидуваат да поминат што е можно поголемо растојание во рок од 60 минути), на трката во Брисел, на 4 септември.
Фара (37) ќе има цел да го подобри 13-години стариот светски рекорд на Етиопјанецот Хаиле Гебреселасие, кој истрча 21,285 км за 60 минути. Негов главен конкурент ќе биде европскиот вицешампион на 10.000 метри, Белгиецот Башир Абди.

Во женска конкуренција на трката во Брисел треба да настапат Етиопјанките Абабел Јешане и Бирхане Дибаба, во трка по рекордот, кој, пак, е во сопственост на нивната сонародничка Дире Тун, кој изнесува 18,517 истрчани километри, а е постигнат во 2008 година.

Фара може да се пофали со мноштво освоени европски, светски и олимписки медали, меѓу кои и за 10 светски и олимписки титули. Така, тој е носител на златни медали на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лондон (Велика Британија) во 2012 година и потоа на ЛОИ во Рио де Жанеиро (Бразил) во 2016 година во трките на 5.000 и на 10.000 метри, а во истите дисциплини и на светските првенства (СП) во Москва (2013 година), Пекинг (2015-та) и во Лондон (2017 година).