Ивана Манова

На младинското првенството на Македонија настапија 82 шахисти (65 во машка и 17 во женска конкуренција), а во однос на лани, но во повозрасни категории, титулите пак ги освоија Златков, Велковски и Манова

Вкупно 82 учесници, од кои 65 во машка и 17 во женска конкуренција, поделени во шест возрасни категории (8, 10, 12, 14, 16 и 18 години), настапија на годинашните државни првенства во шах, кои се одржаа во Струга. Во категоријата до 18 години остануваат да се одиграат уште две кола (вчера и денеска). Во однос на минатата година, вкупниот број е зголемен за само еден шахист, а кај девојчињата тој број е ист, како и на ланското првенство.
За разлика од лани, кога единствено немаше шахистки во категоријата до 18 години, годинава изостанаа настапи на девојчињата во категоријата до 14 години. Нови шампионски титули, но во повозрасна категорија од лани, освоија, Антон Златков (до 12 години), Кристијан Велковски (до 16) и Ивана Манова (до 18). Титулата од лани ја потврди Михаела Зрмановска (категорија до 12 години), а Емил Ристевски освои титула во категорија до 14 години, а лани победи во категоријата до 16 години.
Првпат прваци на Македонија во своите категории станаа Андреј Иванов (до осум години), Михаил Николовски (до 10) кај момчињата, а Ивана Велковска (до осум), Јована Давиткова (до 10), Леа Ефтовска (до 16) и Манова (до 18), кај девојчињата. Во категоријата до 18 години кај машките на две кола до крајот водеше Тони Лазов.