Фото: Новак Ѓоковиќ/Твитер

Се навестува Австралија опен без шампионот

Срѓан Ѓоковиќ, таткото на првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ, навести дека неговиот син веројатно нема да настапи на претстојното издание на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен во Мелбурн, доколку не дојде до попуштање на прописите за вакцинација против ковид-19, пренесуваат светските медиуми.

Срѓан Ѓоковиќ вели дека неговиот син сѐ уште не одлучил дали ќе настапи на турнирот во Мелбурн. Тој додаде дека постои можност помладиот Ѓоковиќ да отиде во Австралија и да помине низ карантин и без вакцина, но поради тоа ќе мора да биде изолиран во хотелска соба 14 дена.

– Право на секој човек е да одлучи дали ќе се вакцинира. Никој нема право да навлегува во тие интимни прашања. Тој би сакал да биде во Мелбурн, но под вакви уцени и услови, најверојатно нема да оди – изјави Срѓан Ѓоковиќ во интервју за српската „ТВ Прва“.

Поради одлуката на австралиските власти, невакцинираните тенисери нема да можат да се натпреваруваат на гранслем-турнирот, а неодамна претседателот на турнирот Крег Тајли потврди дека сите тенисери и тенисерки ќе мора да бидат вакцинирани против ковид-19 за да учествуваат в година.

Деветкратниот шампион на Австралија опен и освојувач на рекордни 20 гранслем-пехари на некој начин стана предводник за спортистите кои се соочија со изборот помеѓу борбата за трофеите и задолжителната имунизација од коронавирусот. Тој засега упорно одбива да открие дали е вакциниран против коронавирусот.

– Не сакам да откријам дали сум вакциниран или не. Тоа е лична работа и според нашиот закон можете да тужите некого за таквото прашање. Многу луѓе си земаат слобода да прашуваат такви работи и да осудуваат. Што и да одговорите, тие тоа ќе го злоупотребат – порача Ѓоковиќ во неодамнешно интервју за српски „Блиц“.

Наредното издание на Австралија опен ќе се игра од 17 до 30 јануари в година.