Прекрасна глетка вчера попладне на аеродромот во Скопје. Повеќе стотици луѓе дојдоа да го пречекаат спортскиот херој, таеквондистот, младиот 22-годишен Дејан Георгиевски, по враќањето од Олимписките игри (ОИ) во Токио, каде што го освои сребрениот медал. Тој медал е прв за самостојна Македонија, по бронзата на борачот Могамед Ибрагимов на ОИ во Сиднеј 2000-та.
– Сакам да се заблагодарам на сите што дојдода да ми дадат голема подршка. Чувството е одлично. Овој успех не само за мене, туку за целиот народ во Македонија – изјави Георгиевски по слетувањето во Скопје.
Георгиевски, придружуван од неговите тренери од таеквондо-клубот (ТК) Бутел, браќата Борче и Дарко Костовски, кои имаа немерлив удел во големиот успех на нивниот пулен, замина за Скопје, каде што за вечерните часови, од 19.30 часот, беше закажана главната свеченост на плоштадот, пред портата „Македонија“.
Георгиевски прими голем број честитки за освоениот сребрен медал, а не изостанаа ниту конкретните финансиски награди. Владата на Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Македонскиот олимписки комитет (МОК) ќе издвојат 30.000 евра за Георгиевски и 10.000 евра за неговите тренери, браќата Костовски, кои јавно се откажаа од наградата и ја пренасочија за нивниот штитеник. МОК ќе обезбеди за Георгиевски и месечна стипендија од 1.000 долари.