ПЛИВАЊЕ – ЛОИ

По повеќе од еден век злато за британската штафета, САД првпат без медал

По повеќе од еден век, Велика Британија освои златен медал во пливачка штафетна трка на летни олимписки игри (ЛОИ). Златото на 4х200 метри им припадна на Том Дин, Данкан Скот, Џемс Гај и Метју Ричардс, кои делницата ја испливаа за 6:58,58 минути, само три стотинки послабо од светскиот рекорд на американската штафета. За Британците ова е прво злато во штафета, по ЛОИ во Стокхолм во 1912 година, кога победи женската трка на 4х100 метри слободно. Единствената победа досега во машка конкуренција, на 4х200 слободно, тие ја постигнаа на ЛОИ во Лондон во 1908 година.
Првпат во својата пливачка историја САД не успеаја да освојат медал кога настапиле во штафетна трка на ЛОИ. Претходно САД немаа освоено медал во штафетна трка на ЛОИ во Стокхолм во 1912 година, кога немаа тим во женска конкуренција (на 4х100 слободно), и на ЛОИ во Москва во 1980 година, кога не настапија поради бојкотот. Во бројки, САД (до Игрите во Токио) освојуваа медали на сите 94 штафетни трки.


Дресел остана на патот кон неверојатниот пливачки подвиг

Американецот Келеб Дресел го освои златниот медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во спринтот на 100 метри слободно, со време на нов олимписки рекорд, 47,02 секунди. За него тоа беше второ злато во Токио, по она во штафетата на 4х100 метри слободно. Дресел (24) би можел да ги заврши Игрите во Токио како еден од најуспешните пливачи на поединечни Игри, бидејќи е во конкуренција за освојување уште четири медали, два во индивидуалните трки (на 50 и на 100 метри пеперутка) и два во штафетите (4х100 метри слободно мешана штафета и на 4х100 метри слободно).
Само двајца пливачи во историјата на ЛОИ освоиле повеќе од шест медали на едни Игри, Американците Мајкл Фелпс (осум во Пекинг во 2008 година) и Марк Шпиц (седум во Минхен во 1972 година). На минатите ЛОИ во Рио во 2016 година, Дресел освои две злата, во штафетите на 4х100 м слободно и на 4х100 м мешано. На светските првенства во Будимпешта во 2017 година и во Гвангжу во 2019-та, тој освои 15 медали (13 златни и два сребрени).


Штафетата на Кина победи со нов светски рекорд

Златен медал со нов светски рекорд на женската штафета на Кина, на 4х200 метри слободно (7:40,33 минути), на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Тоа време беше побрзо за 1,17 секунда од стариот рекорд, на Австралија, поставен во 2019 година. Во оваа трка се очекуваше голема битка за златото меѓу пливачките на Австралија и на САД, предводени од Аријарне Титмус, односно од Кејти Ледецки, но Кина беше таа што постигна неверојатна победа, соборувајќи го светскиот рекорд. Американките го освоија сребрениот, а Австралијките бронзениот медал.