Турската компанија „Текнопанел“ ќе инвестира 16 милиони евра во изградба на нов производствен капацитет во ТИРЗ Скопје. Одлуката за инвестиција е постигната на средбата во Истанбул на директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, и менаџментот на компанијата.

Според инвестицискиот план и финансиски проекции, „Текнопанел“ ќе отвори 120 нови работни места, со очекуван вкупен извоз од над 150 милиони евра во следните 10 години.

– Само како обврска за придонеси за плати, буџетот на државата ќе оствари над 5 милиони евра приходи, а обврските за данок на добивка и персонален данок на плати надминуваат 2,5 милиони евра. Според новиот концепт на привлекување инвестиции во ТИРЗ секој потенцијален инвеститор задолжително доставува 10-годишен инвестициски план врз база на кој се проценува капацитетот на компанијата и инвестицијата и се подготвува индивидуализиран пакет за учество на државата во инвестицијата – велат од ТИРЗ.

Од таму наведуваат дека компанијата е еден од најголемите извозници во Турција и на листата Топ 500 водечки индустриски компании во земјата, со четири фабрики во Турција. Македонија е првата инвестициска дестинација за оваа компанија надвор од матичниот пазар.