Федерер донира еден милион долари за децата во Африка

Еден од најдобрите тенисери во историјата, Швајцарецот Роже Федерер, направи голем хуман гест, донирајќи еден милион долари преку својата фондација, за обезбедување храна за следните два месеца за 64.000 деца и за нивните семејства во Африка, за време на пандемијата на коронавирусот.
– Ковид-19 е глобална здравствена и економска криза. Како хуманитарен одговор, фондацијата „Роже Федерер“ преку нашите партнери во Африка, додели еден милион долари за обезбедување оброци за 64.000 деца и за нивните семејства во Африка, додека училишта се затворени – се вели во соопштението на оваа фондација.

Љоренте: Никогаш не сме биле без топка толку долго

Фудбалерите во Шпанија се вратија во своите клупски тренинг-центри во средата, првпат по речиси два месеца, по прекинот на првенството поради пандемијата на коронавирусот. Играчите на Барселона, Реал Мадрид, Атлетико Мадрид и на другите клубови почнале и со правење тестови за ковид-19 и доколку сѐ оди добро, тимовите повторно ќе тренираат викендов.
– Мислам дека се вративме добро подготвени. Ова беше чуден период за сите нас, оти никогаш не сме биле без топка толку долго. Но возбудени сме што сме повторно на теренот – изјави Маркос Љоренте, фудбалер на Атлетико Мадрид.