КОШАРКА – НБА

Џејмс 19-ти пат ќе игра на олстар-меч, шести пат е капитен

Кошаркарот на Лос Анџелес лејкерс, Леброн Џејмс по 19-ти пат ќе биде дел од НБА олстар-натпревар, а сега како капитен ќе ја предводи екипата на Западот. Веќе шеста сезона откако олстар-натпреварот има капитени, а Џејмс секојпат беше прв меѓу еднаквите и неговиот тим никогаш не загубил. Секако, нова победа и сега ќе настојува да забележи со стартната петорка, во која се и Никола Јокиќ (Денвер), Лука Дончиќ (Далас), Стеф Кари (Голден стејт) и Зион Вилијамсон (Њу Орлеанс). На Истокот, пак, трета година во низа капитен е Јанис Адетокумпо, а негови соиграчи во почетниот состав ќе бидат Кевин Дурант (Бруклин), Кајри Ирвинг (Бруклин), Џејсон Тејтум (Бостон) и Донован Мичел (Кливленд). Почетните петорки беа избрани со комбинација на гласови, од кои тие на навивачите сочинуваа 50 отсто од вкупниот број, а гласовите на новинарите и на НБА-играчите по 25 отсто. Ова ќе биде прв НБА олстар-натпревар што ќе се одржи во Солт Лејк Сити по 1993 година, а дуелот е закажан за 20 февруари, во два часот наутро по средноевропско време. Г.И.


ШАХ – ТУРНИР ВО ВАЈК АН ЗЕ

Карлсен се доближи на еден поен до водечкиот Абдусаторов

Актуелниот светски првак во класичен, забрзан и во брз шах, Магнус Карлсен (2.859 рејтинг-поени), со црни фигури ја забележа четвртата победа на еден од најстарите турнири во светот, во Вајк ан Зе (Холандија), против младиот Иранец Пархам Магсодлу (22 години), по 56 потези. По партијата, Карлсен за локална телевизија прокоментира дека е среќен што се врати во конкуренцијата за првото место, но потенцира дека за да победи, ќе мора да се потпре и на резултатите на другите учесници.
Водечкиот на табелата, Узбекистанецот Нодирбек Абдусаторов (18), по 27 потези ремизира со претендентот за титулата светски првак, Кинезот Динг Лирен, а тоа го направи и второпласираниот, Холанѓанецот Аниш Гири против Американецот Весли Со. На мечот помеѓу младите Индијци, Домарају Гукеш (16) го победи Рамешбабу Прагнананда (17), а партиите помеѓу Американецот Фабијано Каруана и Индиецот Арјун Еригаиси (19), потоа Холанѓанецот Жорден ван Форест и Романецот Ричард Рапорт, како и Американецот Левон Аронијан и Германецот Винсент Кејмер (18), завршија без победник.
Табела: Абдусаторов седум поени, Гири 6,5, Карлсен и Со по шест, Аронијан и Каруана по 5,5, Прагнананда и Рапорт по пет, Лирен 4,5, Гукеш, Магсодлу и Ван Форест по четири, Еригаиси и Кејмер по 3,5. Г.И.