По двата тест-меча во Белград, македонските одбојкари повторно се во Скопје каде што ќе ги продолжат тренинзите, во пресрет на 45-то издание на меморијалниот турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“ (од 19 до 21 август)

Македонија поразена од Србија и во вториот меч

Одбојкарите на Македонија го загубија и вториот контролен меч од Србија, 0-3 (13-25, 18-25, 22-25), во Белград, во рамките на подготовките за претстојниот настап на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) што почнува на 1 септември. Македонија е во групата Ц, во Тампере, со домаќинот Финска, Русија, Турција, Холандија и Шпанија. Четирите првопласирани ќе се квалификуваат во следната нокаут-фаза.
Како и на првиот меч, актуелниот европски првак Србија постојано имаше резултатска предност и беше доминантна на сервисот, во нападот и на блокот, посебно во решавачките моментите од сетовите.
Селекторот на Македонија, Душко Николиќ, на овој меч направи промени во почетниот состав. На местото на Владо Милев беше Стојан Илиев, а Филип Деспотовски ја зазеде позицијата организатор на игра, наместо Ѓорѓи Ѓорѓиев. На другите позиции беа стандардните, капитенот Никола Ѓорѓиев, Александар Љафтов, Ристо Николов, Филип Маџунков и Дарко Ангеловски. Капитенот Никола Ѓорѓиев беше најефикасен во редовите на Македонија со 17 поени (14 од напад и три блока), Маџунков имаше 10 (осум од напад и два блока), Љафтов осум (шест од напад и два блока) итн.
По двата тест-меча во Белград, македонските одбојкари повторно се во Скопје каде што ќе ги продолжат тренинзите, во пресрет на 45-то издание на меморијалниот турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“ што ќе се одржи од 19 до 21 август и на кој покрај Македонија ќе настапат Црна Гора, Израел и Словачка. Л.Д.


Ерлинг Холанд даде два гола на мечот Борусија Дортмунд – Ајнтрахт Франкфурт (5-2), за него 42., плус 14 асистенции на 44 натпревари

Левандовски седма сезона со гол на првиот меч

Актуелниот првак на Германија, Баерн Минхен, ремизира на гости против Борусија Менхенгладбах, 1-1, во првото коло од новата сезона во Бундес-лигата. На Баварците ниту еден тим не им зел повеќе бодови во последните 10 години од Борусија, дури 28!
Роберт Левандовски, кој е најдобар стрелец во Бундес-лигата, во последните четири сезони постигнува гол на воведниот дуел седма рекордна сезона во низа. Јулијан Нагелсман, новиот тренер на Баерн, по 12-ти пат се соочи со Борусија како тренер (три победи, три порази и шест ремија). Тој сѐ уште нема забележано победа како тренер на Баерн, дури и во подготвителниот период! Баерн не е поразен на минатите 10 воведни натпревари (осум победи и две ремија), а Борусија е единствената екипа што го победила Баерн на воведниот викенд во последните 23 години, и тоа двапати. Голманот на Баерн, Мануел Ноер, наскоро ќе го мине Оливер Кан според бројот на натпревари во Бундес-лигата без примен гол. Во моментов двајцата не примиле гол на 204 натпревари.
Борусија Дортмунд беше убедлива против Ајнтрахт Франкфурт (5-2), пред 25.000 гледачи на стадионот „Вестфален“, кој може да прими 80.000 луѓе. Два гола даде Ерлинг Холанд (21), за него 42., плус 14 асистенции, на 44 натпревари во Бундес-лигата. Борусија Дортмунд ги доби последните осум натпревари по ред во Бундес-лигата и го израмни клупскиот рекорд поставен под водство на Јирген Клоп во сезоната 2011/2012, кога последен пат беше освоена шампионската титула. Постигнатите голови на 33 последователни натпревари во лигата исто така се нов клупски рекорд. Л.Д.


Меси ќе почека на дебито за ПСЖ

Поранешната ѕвезда на Барселона, Лионел Меси, им беше претставена на навивачите на ПСЖ пред мечот против Стразбур (4-2), во друштво со Серхио Рамос, Џанлуиџи Донарума, Џорџинио Вајналдум и Ахраф Хакими. Меси, кој имаше продолжен одмор поради обврските со Аргентина на Копа Америка, мечот го проследи од трибините, заедно со Рамос и Донарума, за разлика од Вајналдум и Хакими, кои беа стартери.
– Предизвикот е да обезбедиме овие врвни играчи да формираат тим способен да одговори на сите предизвици. Сакаме да се осигуриме дека овој тим ќе стане компактен. Што се однесува до Меси, тој имаше подолга пауза по последниот меч на Копа Америка. Затоа ќе одиме чекор по чекор, да се запознаеме подобро сите заедно и кога ќе биде целосно подготвен ќе дебитира – изјави тренерот на ПСЖ, Маурицио Почетино.
Бранителот на титулата, Лил, беше декласиран на домашен терен од Ница (0-4) предводена од тренерот Кристоф Галтиер (54), кој ги предводеше лани до титулата во Лига 1. Тој по три и пол години се повлече од позицијата прв тренер на Лил само два дена откако беше освоена првата титула во француската лига по една деценија, со еден бод пред ПСЖ. Тој сега е на клупата за Ница, која е во сопственост на Инеос, групата со која претседава британскиот милијардер Џим Ратклиф. Ова беше најтешкиот пораз на Лил во домашната лига од 2017 година. Л.Д.


Нов рекорд на Салах

Мохамед Салах даде еден гол и асистираше при постигнувањето на другите два, на Диого Жота и на Роберто Фирмино, во триумфот на гости над Норич (3-0). Салах е првиот фудбалер што петта сезона по ред дава гол и повеќе на првиот меч во сезоната. Претходно тоа му успеа на дуелите против Вотфорд во 2017/2018, против Вест хем во 2018/2019, против Норич во 2019/2020 и Лидс во 2020/2021. Откако дојде во Ливерпул во 2017 година, тој забележа и 35 асистенции. Поуспешен од него е само Кевин де Брујне, кој асистираше 50 пати.
Роберто Фирмино го постигна 8.000-от гол за Ливерпул во најсилната лига на Англија. Повеќе голови има дадено само Манчестер јунајтед, 8.089.
Ливерпул победи на осум од последните девет први натпревари од сезоната во Премиер-лигата (и едно реми), меѓу кои пет од шест под водство на Јирген Клоп. „Црвените“ постигнаа три или повеќе гола во сите шест премиерни меча под водство на Клоп, постигнувајќи 22 гола. „Црвените“, кои ја прокнижија 13-та победа на последните 15 меча против Норич, на овој меч го прославија враќањето на дефанзивецот Вирџил ван Дајк по 10-месечната пауза поради тешката повреда на коленото. Л.Д.