Ајакс го стопи пехарот во ѕвездички за навивачите!

Фудбалскиот клуб Ајакс одлучи да ја сподели титулата со навивачите, кои сезонава не беа во можност да ги следат мечевите на нивните миленици поради пандемијата на ковид-19. Буквално, Ајакс, кој на 2 мај ја обезбеди 35-та титула првак на Холандија, го стопи пехарот и го претвори во 42.000 сребрени sвездички, кои ќе им ги подари на навивачите што имаат сезонски билети за арената „Јохан Кројф“.
– Сезонава моравме да играме без нашите навивачи на трибините. Но и покрај тоа, секоја недела ја чувствувавме нивната поддршка на патот кон стадионот, на социјалните мрежи и преку личните контакти. Претходно, кога рековме „оваа титула е за вас“, го изразивме тоа што го мислиме за навивачите. Со споделувањето на трофејот покажуваме дека навистина го мислиме тоа – изјави извршниот директор на Ајакс, Едвин ван дер Сар.
Во замена за стопениот пехар, Холандската фудбалска асоцијација ќе му додели втор таков на Ајакс и ќе стои во клупските витрини. Л.Д.


ФУДБАЛ

Роналдо најбрзо до 100 гола за Јувентус

Португалецот Кристијано Роналдо на мечот против Сасуоло (3-1) даде еден гол и стана играчот што најбрзо постигнал 100 гола во историјата на Јувентус, на 131-от натпревар, во третата сезона. Роналдо може да се пофали и со податокот дека е единствениот фудбалер што во кариерата постигнал 100 и повеќе голови за три клуба, Јувентус, Манчестер јунајтед и Реал Мадрид, како и за репрезентацијата на Португалија.
На претходниците на Роналдо во дресот на „старата дама“, Роберто Баџо и Омар Сивори, им беа потребни по пет сезони за да стигнат до бројката од 100 гола.
На мечот со Сасуоло, Аргентинецот Пауло Дибала стана првиот неевропски играч кому му успеало да постигне 100 гола за Јувентус во сите натпреварувања. Л.Д.


НФЛ се враќа во Европа

Натпреварите на Американската фудбалска лига (НФЛ) повторно ќе се играат во Лондон, по едногодишна пауза поради пандемијата на коронавирусот. Два натпревара ќе се одиграат во октомври годинава, Аталанта ќе му биде „условен“ домаќин на Њујорк, додека една недела подоцна Џексонвил ќе му биде домаќин на Мајами. И двата меча ќе се одиграат на стадионот на фудбалскиот клуб Тотенхем. Во периодот од 2007 до 2019 година во Лондон се одиграа 28 натпревари во НФЛ-лигата.
– Очекуваме овие натпревари да бидат празник на нашиот спорт и за нашата голема база на навивачи во Велика Британија – рече извршниот потпретседател на НФЛ, Кристофер Халпин.
Ова ќе биде осми натпревар на Џексонвил во Лондон, Мајами ќе игра по петти пат, додека по вторпат ќе настапат екипите на Аталанта и Њујорк. Г.И.


КОШАРКА
Феникс 2010 е вториот прволигаш

Кошаркарите на Феникс 2010 од следната сезона ќе играат во Првата лига. Избраниците на тренерот Денис Дервишевиќ во третиот и решавачки натпревар убедливо славеа над екипата на Партизан Водно санс, со 79-49, и со вкупни 2-1 во победи во полуфиналната серија од плејофот за пополнување на Првата лига обезбедија место во елитното македонско кошаркарско друштво.
Како што е познато, порано тоа го сторија и кошаркарите на скопски Ангели, откако со максимални две победи ја добија серијата против Чаир 2030. Во согласност со пропозициите, овие два клуба ќе одлучат и кој ќе биде освојувач на трофејот наменет за најдобрата екипа во Втората лига за натпреварувачката сезона 2020/2021. Г.И.