ТЕНИС

Гранслем-турнирот Вимблдон ќе се игра пред ограничен број гледачи

Тенискиот гранслем-турнир Вимблдон, летово, најверојатно, ќе се игра пред намален број гледачи, соопштија организаторите. Турнирот треба да почне на 28 јуни, седум дена откако во Англија е предвидено да завршат ограничувањата поради пандемијата. Одговорните на турнирот рекоа дека ќе реагираат на промена на околностите, што може да резултира со зголемување или со намалување на дозволениот број гледачи. Вкупната посетеност на Вимблдон во 2019 година беше 500.397 гледачи. Поради пандемијата и рестриктивните мерки, годинава нема да ги има „традиционалните редици“ пред билетарниците на Вимблдон, затоа што продажбата на влезниците овој пат ќе биде преку интернет. Во соопштението на од организаторите пишува и дека тенисерите, нивните тимови и официјалните лица ќе мора да престојуваат во официјални хотели, наместо во приватни станови. Та.Д.


ФУДБАЛ

Ајакс и Манчестер Ј. преку групите во ЛШ до четврт-финалето на ЛЕ

Меѓу четвртфиналистите на фудбалската Лига Европа (ЛЕ), сезонава само Ајакс и Манчестер јунајтед во ова натпреварување стигнаа откако претходно играа и во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ). Тие ги освоија третите места во своите групи и потоа добија право да се префрлат во Лига Европа. Од четвртфиналистите во квалификации за ЛШ, сезонава играа Динамо Загреб и Славија Прага.


Гранада и Динамо досега одиграа најмногу европски мечеви сезонава

Гранада и Динамо Загреб досега одиграа најмногу европски натпревари сезонава, по 13, за да стигнат до четврт-финалето на фудбалската Лига Европа сезонава. Шпанската Гранада е дебитант во Европа и сезонава игра од 2. коло од квалификациите за ЛЕ, помина три квалификациски рунди, потоа уште шест меча во групната фаза и уште четири во нокаут-рундите досега. Хрватскиот првак Динамо, пак, сезоната во Европа ја почна во 2. коло од квалификациите за Лигата на шампионите, каде што одигра два меча, потоа уште еден во плејофот за ЛЕ, шест дуела во групната фаза и по два во двете елиминациски рунди.


Само Англија и Шпанија имаат екипи во трка за двата трофеја на УЕФА

Девет земји имаат свои клубови во четвртфиналињата на двата купа на Европската фудбалска унија (УЕФА) сезонава, Лигата на шампионите (ЛШ) и Лига Европа (ЛЕ). Најмногубројни се од Англија, која има три екипи во ЛШ и две во ЛЕ, а потоа следува Шпанија, со една во ЛШ и две во ЛЕ. Тие две земји се единствените што имаат претставници меѓу осумте најдобри во двете европски клупски натпреварувања. Германија има два тима во ЛШ, по еден имаат Франција и Португалија, а во ЛЕ свои претставници имаат Холандија, Италија, Чешка и Хрватска.