Огњан Циговски e избран за претседател, а Јусуф Абдулаи за потпретседател на Скијачката федерација на Македонија (СФМ) од страна на девет клуба од вкупно 17-те со право на глас, на вонредното собрание на СФМ. Покрај тоа, избрани се и другите органи и тела за редовно функционирање на СФМ.
– Новото раководство доби легитимен избор во согласност со статутот на СФМ, според кој јасно е пропишано дека собранието може да работи само доколку се присутни повеќе од половина од постојните членови, а одлуките се полноважни доколку за нив гласале повеќе од половината присутни на собранието, но не помалку од една третина, се наведува во соопштението на СФМ.

– Целиот свој работен век активно сум вклучен во создавање услови за унапредување на скијачките спортови и на Скијачката федерација на Македонија. Таа треба да ги штити интересите на сите клубови и да има комплетна транспарентност во трошењето на државните средства, средствата од спонзорите и ФИС. Зимските спортови не заслужуваат да бидат на маргините. Затоа ќе се залагам во мојот мандат да успееме да достигнеме инклузивност на зимските спортови и, наместо елитистички, да ги направиме достапни за секое дете што сака да се занимава со овие спортови, но и за лицата со попреченост, како и за секоја генерација на спортисти. Благодарен сум на довербата на скијачките клубови и посветено ќе се заложам за исполнување на овие цели – истакна Циговски по изборот за претседател на СФМ.

Вонредното собрание беше закажано со поканите од 11 февруари, по иницијатива на повеќе од една третина клубови на СФМ, значи пред редовното, кое го закажа привременото раководство на СФМ. Покана за учество на вонредното собрание беше упатена до сите клубови членки на СФМ. Во интерес на спортот и наоѓање заеднички јазик, овие клубови присуствуваа на „редовното“ собрание во вторникот, но по обидот за незаконски избор на претседател надвор од статутот, 12 клуба го напуштија тоа собрание, од кои девет со право на глас, бидејќи одбија да бидат дел од нестатутарното работење наметнато од страна на претходното раководство, предводено од Васил Сокле.
Развој на скијачките спортови и поддршка на спортистите е главна цел за новото раководство на СФМ, предводено од претседателот Циговски. Во таа насока, веднаш ќе започнат активности и соработка со сите клубови, институции и поддржувачи, заклучува СФМ.