Македонската е-спорт репрезентација се состои од селекции во повеќе игри и нашите е-спортисти имаат можност да се натпреваруваат на балкански, европски и светски шампионати, вели Недески

ИГОР НЕДЕСКИ, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА МАКЕДОНСКАТА Е-СПОРТ ФЕДЕРАЦИЈА

Македонската е-спорт репрезентација неодамна триумфира на турнирот во кантер страјк, во рамките на Европскиот куп на нации, совладувајќи ја во финалето со 16-12 селекцијата на Романија. Претходно во полуфиналето беше совладана со 2-1 во сетови Хрватска. Победничката селекција ја сочинуваа Јане Апостолоски, Даниел Глигоров, Павле Стојановски и Кристијан Трпкоски и Дамјан Стоилковски. На Европскиот куп на нации македонскиот претставник во e-фудбал, Давид Гаревски, го освои одличното четврто место. Досега македонските учесници биле дел од 15 меѓународни првенства.
По повод овој успех и сѐ што е поврзано со него, како и идните планови на натпреварувачки план, поразговаравме со генералниот секретар на Македонската е-спорт федерација, Игор Недески.
Во што се состои ова натпреварување, кој сѐ може да учествува, колку членови се во еден тим и каде сѐ може македонската репрезентација или тимови да настапуваат?
– Европскиот куп на нации е натпреварување каде што учествуваат национални федерации, членови на Европската е-спорт федерација. Годинава 12 репрезентации се натпреваруваа во две дисциплини и тоа кантер страјк: глобал офензив (скратено CS:GO) и e-фудбал ПЕС 2021. Кантер страјк: глобал офензив е тимска игра, каде што настапуваат пет играчи, а е-фудбал ПЕС 2021 е индивидуална игра и настапува само еден играч. Македонската репрезентација се состои од селекции во повеќе игри и нашите е-спортисти имаат можност да се натпреваруваат на балкански, европски и на светски шампионати. Моментниот фокус на нашите репрезентации во CS:GO, дота 2, е-фудбал ПЕС 2021 и текен 7 е Светското првенство, а фокусот на Федерацијата е официјализирање на е-спортот.

Игор Недески

Колку е популарна оваа игра во светот, колку кај нас?
– CS:GO моментно е најпопуларен е-спорт во Европа, Северна Америка и во Јужна Америка. Кај нас моментно е водечки е-спорт според последните анализи и статистики од Првата македонска е-спорт лига, која ја организира Македонската е-спорт федерација (МЕСФ), а годинава се играше шеста сезона. CS:GO е активен на нашата сцена уште од самиот почеток во 2012 година, а претходно се играше кантер страјк 1.6, која беше, исто така, најпопуларна игра помеѓу е-спортистите. МЕСФ има осум регистрирани клуба. Преку интерна селекција од членовите на клубовите и отворените квалификации што ги организира Федерацијата, се добива можноста да се настапува во националната лига. Победничкиот клуб од националната лига е нашата официјална репрезентација за таа сезона.


Глигоров: На СП очекуваме многу добри резултати

Целта на турнирот секако дека ни беше да го освоиме првото место и немаше да бидеме задоволни со поинаков резултат. Најтежок ривал до првото место ни беше селекцијата на Хрватска, бидејќи нашите две екипи почесто се среќаваат и веќе се познаваат меѓусебно. Самото учество на СП би било одлично искуство за нас. Со последните успеси што ги стекнуваме, имаме сѐ повеќе самодоверба и желба за успех, па ако успееме да го одржиме моментот на регионалните квалификации, па и на СП, очекуваме многу добри резултати. За еден ваков успех пред сѐ се врши анализа на противниците што настапуваат, а потоа се играат тренинг-натпревари против професионални екипи од целиот свет, каде што се подготвуваат план и тактика. Секако, потребни се меѓусебно разбирање, согласување, позитивна атмосфера, фокус и, секако, никогаш да не се откажувате од посакуваната цел. Регионалните квалификации ќе се одржат во втората половина од септември, а главната фаза, односно СП од 14 до 20 ноември годинава, вели Даниел Глигоров, репрезентативец во CS:GO и еден од учесниците на Европскиот куп на нации.

[email protected]