Металург прво на 20 октомври гостува кај Тулуз, а во групата се и Адемар, Висла, Чеховски медведи и Фиверс. Еурофарм Пелистер во 1-то коло дома се среќава со Татабања, а во таа група се и Кадетен, Левен, ГОГ и Тримо

РАКОМЕТ

Шпанскиот вицепрвак Адемар Леон, вицепрвакот на Полска, Висла, рускиот шампион Чеховски медведи, петтопласираната екипа во француското првенство Тулуз, и најдобропласираната екипа во австриското првенство од минатата сезона, Фиверс, ќе му бидат противници на Металург во групата А од новоформираната ракометна Лига на Европа. Еурофарм Пелистер ќе биде дел од групата Д, а за ривали во групната фаза ќе ги има унгарска Татабања, швајцарскиот првак Кадетен Шафхаузен, германски Левен, данскиот вицепрвак ГОГ и четвртопласираната екипа во словенечкото првенство Тримо.
– Задоволни сме што обезбедивме пласман меѓу 24-те тима што ќе бидат дел од групната фаза. Сметам дека нема лесни, посакувани и непосакувани противници во оваа фаза од натпреварувањето, бидејќи квалитетот, искуството и борбеноста се заеднички именител на сите 24 учесници. Не би сакал пред време да прогнозирам за пласманот во групна фаза, но можам да кажам дека во секој меч, против секој противник Металург ќе ја бара својата шанса за победа и ќе се трудиме да одиграме најдобро што можеме. За време на реванш-мечот за Кринс видов една нова енергија во тимот, која верувам дека ќе продолжи да се надградува во мечевите од групата и дека со борбена и цврста игра во одбраната, можеме да размислуваме и да се надеваме на чекор напред во наредната фаза – изјави тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ.

Чеховски медведи зад себе има 18 сезони во ЛШ од кои најдобар пласман му е четврт-финалето пред 11 години, а две сезони играл во Купот на ЕХФ (победник во 2006 година). Висла 12 сезони била дел од ЛШ во кои најдобар пласман ѝ е осминафиналето, а во Купот на ЕХФ најдобар пласман ѝ е четврт-финалето. Адемар зад себе има 11 сезони во ЛШ во кои трипати стигнал до четврт-финалето. За Тулуз ова ќе биде четврта европска сезона, прва по 2014/2015 (квалификации за Купот на ЕХФ). Левен беше првак на Германија во 2016 и 2017 година, победник на Купот на ЕХФ во 2013 година, чест учесник во ЛШ… ГОГ е седумкратен првак на Данска, вицешампион на Купот на победниците на куповите во 1995 година…
Во првото коло на 20 октомври, Металург ќе му гостува на Тулуз, а Еурофарм Пелистер игра дома со Татабања. Првопласираните четири тима од секоја група ќе играат во осминафиналето. 


СОСТАВ НА ГРУПИТЕ
ГРУПА A: Металург, Адемар, Висла, Чеховски медведи, Тулуз, Фиверс
ГРУПА Б: Ним, Динамо Б., Татран, Берлин, Спортинг, Кристијанстад
ГРУПА Ц: Магдебург, Алингсас, Бешикташ, Монпелје, Нексе, ЦСКА М.
ГРУПА Д: Еурофарм Пелистер, Татабања, Кадетен, Левен, ГОГ, Тримо