Италија и Шпанија ќе играат денеска за светската титула во ватерполо, на Мундијалот во Јужна Кореја. Италија ќе има можност одново да биде планетарен шампион по 2011 година. Шпанија, пак, чека титула од 2001 година. Италија има вкупно три титули (1978, 1994 и 2011 година), а Шпанија две (1998 и 2001 година) од светските првенства. Од титулата во 2011-та Италија двапати беше четврта, а Шпанија по трофејот во 2001-та има по едно сребро и бронза.

Актуелниот светски првак Хрватска и Унгарија ќе играат во мечот за бронзата. Светските првенства за мажи се играат од 1973 година и досега медалите ги освојувале само репрезентации од Европа (вкупно 12).

Со триумфот во финалето на светското првенство во ватерполо за жени во Јужна Кореја, репрезентацијата на САД третпат едноподруго ја освои светската титула, со триумфот над Шпанија со 11-6 (двете репрезентации играа и во финалето на минатото СП). Тоа е шеста, рекордна, титула за САД. Бронзата ја освои Австралија, по победата против Унгарија со 10-9. На табелата со медалисти, по САД следуваат Италија и Унгарија со по две титули, а Холандија, Австралија, Шпанија и Грција имаат по една.