Во отсуство на многу врвни возачи, прогнозата е дека победникот ќе биде од шпанското говорно подрачје

Од денеска до 15 септември ќе се вози 74-та велосипедска трка околу Шпанија, позната и како Вуелта, последна од трите грантур-трки сезонава (покрај Џиро д’Италија и Тур де Франс). Велосипедистите, 172, од 22 тима, за време на тринеделната трка, во 21 етапа, ќе треба да извозат 2.272 км.

Стартот на трката е во Торевија, Коста Бланка, во југоисточниот дел од Шпанија, а потоа возачите ќе се движат низ Валенсија, Арагонија и Каталонија, кон Андора. Откако ќе мине во Франција, пелотонот се враќа кон Баскија, Кантабрија и Астурија, потоа низ Кастилја-Ла Манча, Кастилја и Леон, со финиш во Мадрид. Во трката се вклучени осум планински финиша, меѓу кои пет се нови, индивидуален и тимски хронометар и седум спринтерски етапи.

Во отсуство на многу врвни возачи, прогнозата е дека на третата годинешна грантур-трка, победникот ќе биде од шпанското говорно подрачје (Еквадорецот Ричард Карапаз победи на Џиро, а Колумбиецот Бернал на Тур). Како фаворити се сметаат Мигел Анхел Лопез, лани третопласиран, Наиро Кинтана (победи во 2016-та), Естебан Чавез, Ригоберто Уран, Алехандро Валверде (победи во 2009-та), Фабиот Ару (победи 2015-та), Примож Роглич, Стивен Круисвајк итн.

Вуелта е „најмлада“ од трите грантур-трки, односно се вози од 1935 година, со неколку прекини (Џиро од 1909-та, а Тур од 1903-та). Шпанските велосипедисти (23) се најуспешни, со 32 триумфи, од кои 11 се од 2000 година наваму. Вуелта до 1995 година се возеше напролет, но поради преклопување со Џиро беше поместена за крајот на август, иако во тој период е многу топло во Шпанија.

За разлика до другите две трки, каде што стартот честопати е во некоја друга земја, шпанската е верна на корените и само трипати во историјата почетокот бил во странство, во 1997-та во Лисабон, Португалија, во 2009-та во Асен, Холандија, и во 2017-та во Ним, Франција.

Најмногу победи на Вуелта, четири, има забележано Шпанецот Роберто Ерас во 2000, 2003, 2004 и 2005-та. По трипати победувале Шпанецот Алберто Контадор (2008, 2012 и 2014) и Швајцарецот Томи Ромингер (1992, 1993 и 1994).


Лидерот носи црвена маичка

Лидерот на Вуелта вози во црвена маичка, или „ла роха“ (на Џиро е во розова, а на Тур во жолта), но во минатото таа била портокалова (во 1935, 1936), бела (во 1941), па црвено-бела (од 1946 до 1950), жолта (од 1955 до 1998), потоа и златно-жолта (од 1999 до 2009). Сегашната, црвена маичка лидерот ја носи од 2010 година, а честа прв да ја облече ја имаше спринтерот, Британецот Марк Кевендиш. Од годинава на Вуелта најдобриот млад велосипедист, како на Џиро и на Тур, ќе носи бела маичка. Наградниот фонд на Вуелта изнесува 1.120.000 евра, од кои победникот ќе добие 150.335 евра (на Тур 500.000), второпласираниот 57.000, третопласираниот 30.000 евра итн.