Познатата белгиска велосипедска трка околу Фландрија, која беше одложена поради пандемијата на коронавирусот, се одржа во виртуелна верзија, така што 12 велосипедисти возеа во изолација на своите собни велосипеди поврзани со видеоигра, пренесува „Ројтерс“. Трката на виртуелната патека околу која имало и виртуелни гледачи, се емитувала на белгиската телевизија со коментар во живо, а одвреме-навреме имало паралелни вклучувања на велосипедистите во нивните домови.
– Кога слушнав за оваа идеја мислев дека станува збор за шега – рекол професионалниот чешки велосипедист Зденек Стибар во интервју пред трката.

Белгиецот Грег ван Авермет најбрзо возеше на својот домашен велосипед и победи на првата виртуелна трка досега околу Фландрија, која овој пат беше долга 32 километри наместо вообичаените 260 км, и наместо 175 велосипедисти учествуваа само 12, па трката што вообичаено трае шест часа заврши за само еден час.