Во Струга на Европскиот клупски куп (ЕКК) на турнирот за мажи ќе настапат 38 екипи (четири од Македонија), а на турнирот за жени осум тима (три од Македонија). Алкалоид и Монте Карло се прворангирани во машка, односно во женска конкуренција, а поединечно светскиот првак Карлсен и светската вицепрвенка Горјачкина

ШАХ – ВО СТРУГА ДЕНЕСКА ПОЧНУВА ТРКАТА ПО ЕВРОПСКАТА КЛУПСКА ТИТУЛА

Со партиите од првото коло (од 15 часот) од денеска до 25 септември во Струга ќе се одржи 36-от машки и 25-от женски Европски клупски куп (ЕКК) во шах. За утре е најавено и доаѓањето на актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (рејтинг 2.855, рангиран прв на турнирот), кој ќе ги брани боите на норвешки Оферспил.
Од македонските клубови на Европски клупски куп во Струга ќе настапат Алкалоид, Прилеп, Гостивар и Гамбит Асеко СЕЕ во машка и Алкалоид, МШК Центар и Куманово во женска конкуренција. Двојките за првото коло ќе бидат познати пред почетокот на ЕКК, за кое кај мажите се пријавени 38 клуба, со 277 шахисти, од нив 85 велемајстори (ВМ), а кај жените осум клуба со 40 шахистки (седум ВМ).
Прв фаворит за титулата кај шахистите (се игра на шест табли) е Алкалоид, кој е рангиран прв (просечен рејтинг 2.713 на шахистите на првите шест табли), предводен од Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров (рејтинг 2.762). Алкалоид во 2016 на ЕКК во Нови Сад (Србија) стана европски шампион.
Главни ривали на Алкалоид му се Медни Всадник (просечен рејтинг 2.694) од Русија, предводен од Петер Свидлер (2.701), потоа Нови Бор (2.677) од Чешка со Индиецот Пентала Харикришна (2.725), КПРФ (2.655) од Русија со Александар Гришчук (2.775), трикратен светски првак во брз шах.
Кај дамите (се игра на по четири табли) најголем фаворит е Монте Карло (просечен рејтинг 2.513), каде што игра светската вицепрвенка, ВМ Александра Горјачкина (рејтинг 2.608). За екипата на украински ГРЕКО, пак, ќе настапи и поранешната светска првенка (2015 година), Украинката Марија Музичук.
Шампионите од ЕКК 2019 во Улцињ (Црна Гора), Обиетиво Падова од Италија (мажи) и Нона од Грузија (жени) нема да настапат во Струга.


ШАХИСТИ СО НАЈВИСОК РЕЈТИНГ НА ЕКК

ИМЕ И ПРЕЗИМЕ РЕЈТИНГ КЛУБ
ВМ Магнус Карлсен 2.855 Оферспил
ВМ Александар Гришчук 2.775 КПРФ
ВМ Шахријар Мамеѓаров 2.762 Алкалоид
ВМ Дмитри Андрејкин 2.728 Алкалоид
ВМ Пентала Харикришна 2.725 Нови Бор

ШАХИСТКИ СО НАЈВИСОК РЕЈТИНГ НА ЕКК
ИМЕ И ПРЕЗИМЕ РЕЈТИНГ КЛУБ
ВМ Александра Горјачкина 2.608 Монте Карло
ВМ Марија Музичук 2.540 ГРЕКО
ВМ Ана Музичук 2.534 ГРЕКО
ВМ Нана Џагнидѕе 2.525 Монте Карло
ИМ Полина Шувалова 2.510 Алкалоид