Тао Геган Харт

Првпат на една грантур-трка двајца возачи имаа исто време пред последната етапа, по што Харт, кој настапот го почна како еден од помошниците на Томас, Јејтс и на Крујсвијк, кои се повлекоа поради различни причини, стана првиот победник на Џиро што розовата маичка за водечкиот ја облече на крајот од трката

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЗАВРШИ ЏИРО Д’ИТАЛИЈА

Тао Геган Харт (25) од тимот Инеос Гренадирс е победник на велосипедската трка Џиро д’Италија. Пред последната, 21. етапа во Милано, Харт имаше идентично време со Австралиецот Џај Хиндли, првпат во 103-годишната историја на оваа трка, и воопшто на една грантур-трка, но во последната етапа годинава, на хронометар, долга 15,7 км, тој беше побрз за 39 секунди од Хиндли, пишува „Би-би-си“.
– Ни во моите најлуди соништа не замислував дека може да се случи ова. Неверојатно е, навистина неверојатно. Во текот на целата моја кариера сонував да бидам меѓу најдобрите 10, можеби пет, на трка од ваков ранг. Затоа ова е нешто сосема поинакво за мене и ќе ми треба подолго време да се соземам – рече Харт, првиот победник на Џиро што розовата маичка (за водечкиот во генерален пласман) ја облече на крајот од трката, и петтиот Британец, покрај Крис Фрум, Бредли Вигинс, Герент Томас и Сајмон Јејтс што победил на една грантур-трка (Џиро, Тур де Франс или Вуелта).
Харт ја почна трката како еден од помошниците на Томас, кој се повлече во третата етапа поради фрактура на колкот, и на колегите, кандидати за највисок пласман, Јејтс и Стивен Крујсвијк, кои се повлекоа по позитивниот тест на ковид-19. Трпението на кое, како што вели Харт, го научил Аксел Меркс (синот на Еди Меркс), менаџер на повеќе тимови, му се исплатеше на Џиро. По првите четири етапи, Харт го немаше во генералниот поредок, но потоа се искачи на 19-то, па на 14-то, на 10-то, на четвртото и на крајот стигна до највисокото место. 


Карапаз по ланскиот триумф во Италија, сега води на Вуелта

Шпанецот Џон Изагире е победник на шестата етапа на грантур-трката Вуелта, во должина од 146 км, а естонскиот велосипедист Ричард Карапаз го презеде водство во генерален пласман од бранителот на титулата Словенецот Примож Роглич. Британецот Хју Карти заврши на осмото место и се искачи на втората позиција во генералниот пласман со 18 секунди заостанување зад водечкиот Карапаз, кој минатата година го освои Џиро д’Италија. По шестата етапа, Роглич се спушти на четвртото место во генералниот пласман со заостанување од 30 секунди зад водечкиот, а Ирецот Даниел Мартин е трет, со 20 секунди зад Карапаз. Вчера беше ден за одмор на велосипедистите, а денеска на програмата е седмата од 18-те етапи, во должина од 160 км. Та.Д.


Смена на генерациите?

Триумфот на Тао Геган Харт (24), како и на Словенецот Тадеј Погачар (21) неодамна на Тур де Франс, се смета за своевидна смена на генерациите во светскиот велосипедизам. Џај Хиндли, второпласираниот на Џиро д’Италија, има 24 години, а Португалецот Жоао Алмеида, кој ја носеше розовата маичка на 15 од 21 етапа на Џиро и на крајот беше четврти, има 22 години.
Харт, кој е роден и живее во Лондон, има ирски, шкотски и англиски корени. Природната издржливост првпат посериозно ја тестирал на 13-годишна возраст, со препливување на каналот Ла Манш, како дел од штафета. Откако ги завршил студиите, на 18-годишна возраст се преселил во Гирона (Шпанија), домот на над 100 професионални велосипедисти, за да тренира сериозно. Веќе следната година, на 19-годишна возраст, го освојува 15-то место на трката Околу Британија.