Фото: ЕПА

ЕП 2024 веќе е за паметење за Карабатиќ, бидејќи тој со 78 натпревари и со 295 гола е рекордер со најмногу одиграни мечеви и со најмногу постигнати голови на ЕП за мажи. Откако трипати го освои златниот медал на ЕП со Франција (2006, 2010 и 2014 година), Карабатиќ синоќа играше за четвртата титула, во финалниот дуел со Данска, за израмнување на уште еден рекорд

РАКОМЕТ – НИКОЛА КАРАБАТИЌ, ФРАНЦУСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ

Последниот ден, вчера, на Европското првенство (ЕП) годинава за ракометари ќе биде почеток на крајот на една играчка ера. Последен пат францускиот лев бек Никола Карабатиќ беше на големата ракометна сцена пред Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз годинава, а дефинитивно негов последен пат на европските првенства. Откако веќе трипати го освои златниот медал на ЕП со Франција (2006, 2010 и 2014 година), Карабатиќ вчера играше за четвртата титула, во финалниот дуел со Данска.
– Знаејќи дека ова ми е последна сезона, мојот пристап кон ракометот малку се промени. Многу е возбудливо да се мисли дека би можел да испишам историја со освојување на моето четврто ЕП, но во меѓувреме размислувам само за забавата што ја имам овие денови. Се борев за рекорди и за титули целата моја кариера, убаво е што можев едноставно да уживам во овие големи натпревари – вели 39-годишниот Карабатиќ, во разговор за Европската ракометна федерација (ЕХФ).
ЕП 2024 веќе е за паметење за Карабатиќ, оти Французинот го собори рекордот на сите времиња по постигнати голови на континенталните првенства пред неколку дена. Со 78 натпревари и 295 гола, тој сега ги држи рекордите и за најмногу одиграни мечеви и за најмногу постигнати голови на ЕП за мажи, додека Кристина Неагу постигна 303 погодока за апсолутен рекорд на ЕП, пишува ЕХФ. Но и покрај сето тоа, играчот на ПСЖ вели дека најважното за него во моментов е да „ѝ помогнам на репрезентацијата најдобро што можам, без разлика дали тоа значи да постигнам 10 гола, да имам 10 асистенции или да седам на клупата еден час“. Вчерашното финале со Данска за него беше последна можност да го освои своето четврто злато на ЕП. Само пет шведски играчи, Ола Линдгрен, Стафан Олсон, Стефан Ловгрен, Магнус Висландер и Мартин Франдесјо, досега освоија злато на четири ЕП, а Карабатиќ имаше можност да стане првиот нескандинавец што успеал да постигне такво достигнување.
– Не ме интересира дали се работи за мене или за некој друг, но претпоставувам дека можноста да го освојам ЕП по четврти пат покажува и колку Франција била конзистентна на многу високо ниво. За да освоите титули, треба да играте финалиња, а Франција играше во нив во претходните 20 години. Сега сум најискусниот играч и секогаш им кажувам на моите соиграчи да останат смирени и фокусирани на теренот. Мислам дека тоа е мојата улога сега, некако да го покажам патот искажувајќи смиреност – изјави Карабатиќ пред синоќешното финале на ЕП 2024. Г.И.