РАКОМЕТ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЗА МАЖИ
- Во финалниот дуел Барселона го совлада Фуксе Берлин со 37-34. „Искрено, се чувствувам неверојатно. Сите денеска завршија неверојатна работа. Можеме да бидеме многу горди на себе, оти победата не беше лесна“, изјави за ЕХФ Луис Фраде Лајн, пикерот на Барселона
Ракометарите на шпанска Барселона се искачија на европскиот трон по 13-ти рекорден пат, откако победија во Лигата на шампионите (ЛШ) за сезонава, во чие финале на фајнлфор-турнирот во Келн го совладаа германски Фуксе Берлин со 37-34 (20-16), кој вторпат во низа испушти можност да стигне до првиот трофеј.
Каталонците во победата во финалето ги предводеа Луис Фраде со седум и Алекс Гомез со шест гола, Блаж Јанц и Домен Макуц погодија по пет пати, а голманот Емил Нилсен беше брилијантен со 19 одбрани. Кај поразениот тим, Матијас Гидсел постигна осум, Ласе Андерсон и Тим Фрајхофер по седум гола, Нилс Лихтелин шест, а голманот Дејан Милосављев имаше 13 одбрани. Барселона го освои овој трофеј и во 1991, 1996, 1997, 1998, 1999, 2000, 2005, 2011, 2015, 2021, 2022 и 2024 година.
– Искрено, се чувствувам неверојатно. По она што се случи во полуфиналето, каде што мораше да играме продолжение, речиси и немавме време повторно да се концентрираме. Сите денеска завршија неверојатна работа, нашите голмани, нашата одбрана не дозволија ништо да помине. Можеме да бидеме многу горди на себе, оти победата не беше лесна – изјави за Европската ракометна федерација (ЕХФ) Луис Фраде Лајн, пикерот на Барселона.
Во полуфиналето Барселона го победи дански Алборг со 37-32 (28-28 во регуларниот дел), а Фуксе Берлин, исто така по голема борба, го совлада ланскиот шампион во ЛШ, германски Магдебург, со 40-35. Во дуелот за третото место Магдебург го победи Алборг со 32-26.
– Бевме блиску, но во исто време чувствувавме дека Барселона е секогаш на врвот. Дадовме сѐ во текот на викендот, се обидовме, но понекогаш едноставно не успевате – рече за ЕХФ Тим Фрајхофер, левото крило на Фуксе Берлин.
Она што го обележи ова издание во ЛШ е фактот што десниот дански бек и најдобар играч на последното ЕП, Даниел Гидсел, го урна рекордот на постигнати голови во ЛШ, кој сега е 161 гол, а и лани тој беше прв стрелец во ова натпреварување. За најкорисен играч (МВП) беше избран централниот бек на Барселона, Словенецот Макуц, кој одигра одлично, а во полуфиналето и во финалето постигна по пет гола. Г.И.


































