ИН МЕМОРИАМ

Бошковски беше тренер во повеќе македонски и странски ракометни клубови, беше помошник-тренер во македонската машка репрезентација за време на најголемиот успех, на ЕП 2012, селектор на Грузија…

На 47-годишна возраст изминатава сабота ненадејно почина познатиот македонски ракометен тренер Андон Бошковски, што претставува голема загуба за македонскиот ракомет. Бошковски, роден на 5 октомври 1974 година, е поранешен ракометен играч и селектор. Беше играч на Работнички и на македонската младинска репрезентација, сѐ додека поради повреда на раката не беше принуден да се повлече уште како млад играч.

Бошковски ја почна тренерската кариера во клубот во кој и ја заврши играчката кариера, екипата на Работнички. Во 2004 година преминува во Металург, преземајќи ја улогата на помошник-тренер. Со Металург триумфира во домашното првенство и учествуваше во Лигата на шампионите (ЛШ), пред да се пресели во Богданци. Таму остана една година, а потоа се врати во Металург каде што остана до 2011 година и му беше помошник на Лино Червар, кога клубот ги постигна и најголемите успеси. Краток период во 2014 година, Бошковски беше и главен тренер на Вардар. Во 2015 година беше назначен за тренер на Работнички, кој таа година заврши на шестото место во првенството на Македонија.

Бошковски како тренер имаше меѓународно искуство во женскиот ракомет, кога во 2016 година го предводеше романскиот клуб Роман. Потоа се врати во Македонија и беше тренер на Еурофарм Работник. Водејќи го клубот до историското прво финале во Купот на Македонија против Вардар, Бошковски обезбеди пласман во Челинџ-купот на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Бошковски од 2008 до 2013 година беше помошник-тренер во македонската сениорска репрезентација. Во овој период, Македонија учествуваше на Светското првенство (СП) во ракомет во Хрватска, на Европското првенство (ЕП) во ракомет за мажи во 2012 година во Србија, каде што Македонија го забележа големиот успех, историското петто место и пласман во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри во 2012 година во Лондон, и на СП во 2013 година во Шпанија.

Андон Бошковски е син на Лефтер Бошковски (почина годинава), еден од основоположниците на модерниот македонски ракомет. Лефтер Бошковски беше селектор на македонската женска сениорска репрезентацијана, тренер на Вардар, Работнички и на поранешниот европскиот првак Кометал Ѓорче Петров. Го основаше женскиот клуб Олимпик, а работеше и во младинските академии на Академија Алушовски, КЛ7, Голден Арт.

Многу познати спортисти и спортски работници изразија сочувство на социјалните мрежи за смртта на Андон Бошковски, меѓу кои и селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров. Г.И.