- Македонската репрезентација во квалификациите за СП 2027 ќе игра со Словачка, в четврток, во Прешов, а потоа во Скопје, в недела, за кога Ракометната федерација на Македонија најави организација на целодневен ракометен настан за сите генерации
Македонската репрезентација вчера почна со подготовките за дуелите со Словачка, во квалификациите за Светското првенство в година во Германија. На собирот присуствуваше и претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Александар Стефанов, кој ги поздрави репрезентативците и стручниот штаб, посакувајќи им многу среќа и успешен настап во претстојниот бараж-дуел, информира РФМ.
Првиот бараж-натпревар е в четврток, во Прешов, а реваншот е во Скопје, на 17 мај. Црвено-жолтите досега играа на девет светски првенства, од тоа седум во низа, како и на девет европски шампионати, осум по ред. Селекторот Кирил Лазаров пред неколку дена го објави составот со 20 ракометари за двомечот со Словачка, во кој се голманите Мартин Томовски, Никола Митревски и Васил Гогов, крилата Петар Атанасијевиќ, Иван Џонов, Ненад Костески и Александар Петковски, бековите Филип Кузмановски, Павле Атанасијевиќ, Марко Митев, Игор Ѓоргиев, Мартин Ивановски, Мартин Велковски, Филип Николов и Томислав Јагуриновски, пивотите Милан Лазаревски, Самоил Ристевски, Марко Стојковиќ и Валентин Карасманакис, и дефанзивецот Михаил Аларов.
Ракометната федерација на Македонија (РФМ) информира дека на 17 мај, пред натпреварот Македонија – Словачка, првпат ќе организира целодневен ракометен настан за сите генерации. Реванш-мечот на Македонија со Словачка е закажан в недела, од 19 часот, но во пресрет на средбата ќе има низа активности.
Така, в недела од 13 часот на платото пред СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се игра ракометен турнир со 20 екипи, составени со деца родени во 2016 и во 2017 година и помлади, а потоа, од 14 часот, просторот пред СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде исполнет со фан-зона, музика, забава, ракометни активности, подароци, изненадувања и дружење со вистинска навивачка атмосфера, пишува РФМ.
Ракометната федерација на Македонија објави и дека веќе се пуштени во продажба билетите за бараж-натпреварот со Словачка за пласман на Светското првенство в година во Германија. Цените на билетите се 400 и 500 денари, а достапни се преку продажната мрежа на „MK Тикетс“ (и на линкот https://mktickets.mk/event/makedonija-slovacka/), пишува РФМ.
Вкупно од Европа на Мундијалот в година преку баражот ќе се пласираат 10 репрезентации, а директен пласман обезбедија Германија, Данска, Хрватска, Исланд, Португалија и Шведска. Н.М.































