Фото: Игор Бансколиев

Македонската ракометна репрезентација се пласира на Светското првенство во Полска и во Шведска в година, откако ја совлада Чешка со 27-25 (вкупен резултат 51-49) во бараж-реваншот одигран вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Чесите добро го отворија мечот, но избраниците на селекторот Кирил Лазаров со серија од пет гола од седмата до 13-та минута стекнаа водство од три гола што го одржаа до крајот на мечот (имаа највисоки 20-16 во 41-та минута), бодрени од седум илјади навивачи. Гостите дојдоа на негатива од еден гол во завршницата од средбата, но Македонија успеа да ја одбрани предноста.

Филип Кузмановски со девет и Филип Талески со шест гола беа најефикасни кај Македонија, додека голманот Никола Митревски забележа 13 одбрани.

Филип Миркуловски триумфално се прости од репрезентативниот дрес, постигнувајќи два гола во неговиот последен натпревар за националната селекција. Прославениот бек во таа чест доби пригоден подарок од Ракометната федерација на Македонија пред почетокот на дуелот, при што беше поздравен од домашната публика.

Филип Миркуловски (десно) доби пригоден подарок од претседателот на РФМ Живко Мукаетов/Фото: Игор Бансколиев

„Црвено-жолтите“ го обезбедија осмото учество во низа на мундијалите (1999, 2009, 2013, 2015, 2017, 2019, 2021), трасирајќи го патот што води за Полска и за Шведска, државите домаќини на СП (11-29 јануари).