Македонија денеска во полуфиналето игра со Луксембург, победникот во финалето ќе се сретне со подобриот од мечот Летонија – Швајцарија, а вкупниот победник ќе се пласира на младинските СП 2023 и ЕП 2024

РАКОМЕТ – ШАМПИОНАТ НА ЕХФ

Машката кадетска репрезентација на Македонија за ракометари до 18 години, во полуфиналето на шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) во Рига (Летонија), денеска (15 ч.) ќе игра со селекцијата на Луксембург. Македонија беше прва во групата А, а Луксембург втор во групата Б, откако го загуби дуелот од третото коло од Швајцарија.
Избраниците на селекторот Радослав Стојановиќ се пласираа во полуфиналето откако забележаа три победи во својата група, против Турција (34-19), Косово (39-16) и домаќинот Летонија (32-22), што само ги покажа силината и талентираноста на оваа млада генерација македонски ракометари. Во триумфот над Летонија во третото коло најпрецизни во македонските редови беа Тодор Узунчев со седум погодоци, а го следеа Томислав Димковски и Александар Петковски со по еден гол помалку. Голманот Давид Брестовац забележа 11 интервенции.
Во второто полуфинале на Шампионатот на ЕХФ во Летонија, силите на теренот денеска треба да ги одмерат селекциите на Летонија и на Швајцарија. Репрезентациите на Турција, Косово и на Белгија разигруваат за пласман од петтото до седмото место.
Во исто време се играат уште два шампионати на ЕХФ, во Израел и во Романија. Победниците ќе се пласираат на младинското Светско првенство (СП) в година и на Европското првенство (ЕП) во 2024 година. Г.И.