Кошаркарските надежи пред нов предизвик

202

Македонија е во групата Д, заедно со Шпанија, Грција и Црна Гора. Сите селекции од четирите групи ќе играат во осминафиналето, а за место во четврт-финалето ќе се разигрува во согласност со пласманот во групната фаза

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА КАДЕТИ ВО СКОПЈЕ

Со вчерашните натпревари од првото коло, во Скопје почна Европското првенство (ЕП) за кадети (кошаркари до 16 години), дивизија А, каде што учествуваат 16 репрезентации. Македонските момчиња се во групата Д, заедно со селекциите на Шпанија, Грција и на Црна Гора, а целта во оваа силна конкуренција, е да се остане во најквалитетната дивизија.
– По успешно реализираните подготовки во траење од 45 дена, комплетни влегуваме на овој шампионат на најсилната кадетска конкуренција и во оваа пригода можам да ветам дека ќе го дадеме максимумот за националниот дрес. Тоа што сме домаќини на ова ЕП треба да ни биде и мотив плус за добра игра. Очекувам публиката да ни даде дополнителна енергија во реализација на нашите планови. Тоа многу ќе ни значи – вели селекторот на македонската кадетска репрезентација, Андреј Апостолски Лечиќ.
Во првото коло, ривал на црвено-жолтите им беше Црна Гора, денеска ќе играат со Грција, а утре со фаворизираната Шпанија, сите со почеток во 18.45 часот. Сите селекции од четирите групи ќе обезбедат пласман во осминафиналето, а за место во четврт-финалето ќе се разигрува во согласност со пласманот во групната фаза. Полуфиналето е на 19 август, а финалето и натпреварот за третото место се еден ден подоцна. Г.И.


ЕП 2022, 2. КОЛО, ДЕНЕСКА

Група А: Франција – Израел, Холандија – Литванија
Група Б: Хрватска – Словенија, Данска – Србија
Група Ц: Турција – Летонија, Полска – Италија
Група Д: Македонија – Грција, Шпанија – Црна Гора