Во групата Е се Германија и Србија, кои често се среќаваа во минатите години и сега повторно ќе играат меѓу себе. Во групата Ф, во која е Македонија, фаворит е Норвешка, која на СП 2017 и 2019 беше втора

РАКОМЕТ – ВИ ГИ ПРЕТСТАВУВАМЕ РЕПРЕЗЕНТАЦИИТЕ НА СП 2023 (3)

Во пресрет на денешниот почеток на Светското првенство (СП) за ракометари, ви ги претставуваме репрезентациите, овој пат во групите Е и Ф.
ГРУПА Е (Германија, Катар, Србија, Алжир): Во оваа група две европски селекции, Германија и Србија, кои често се среќаваа во минатите години, сега повторно ќе играат меѓу себе, а во групата се и претставници од Азија и од Африка, Катар, односно Алжир. Србија се враќа на СП по четиригодишна пауза, ја предводи искусниот шпански тренер Тони Херона, кој може да смета на поголем број искусни репрезентативци. Клучни играчи се голманот Дејан Милосављев, средниот бек Лазар Кукиќ и левиот бек Петар Ѓорѓиќ. Германија се чини е на вистинскиот пат да се врати на врвот, откако беше седма на ЕП лани, кога настапи десеткувана поради проблемите со ковид-19. Во квалификациите за СП Германија, предводена од исландскиот селектор Алфред Гисласон, кој е на оваа функција од 2020 година, рутински го завери пласманот. Ударни играчи се голманот Андреас Вулф, средениот бек Филип Вебер и пикерот Јоханес Гола. Катар пред осум години го постигна својот најдобар резултат освојувајќи го среброто на СП 2015. Во репрезентацијата, чиј селектор е легендарниот Шпанец, Валеро Ривера, ударни играчи се левиот бек Франкис Марсо, пикерот Јусуф Бен Али и левото крило Ахмад Мадади. Алжирците на СП 2021 стигнаа до следната фаза и беа на 22-то место. Лани петтото место на Првенството на Африка им обезбеди пласман на СП. Од 2021 година селектор е Рабах Герби, а главни играчки имиња се голманот, кој бранеше и за Вардар, Калифа Гедбан, десниот бек Ајуб Абди и средниот бек Мустафа Хаџи Садок.
ГРУПА Ф (Норвешка, Македонија, Аргентина, Холандија): Оваа група се очекува да биде една од најинтересните. Фаворит е Норвешка, која на СП 2017 и СП 2019 беше втора. Норвешка ќе настапи со двајца дебитанти, голманот Емил Имсгард и средниот бек Тобијас Грендал, ќе ги предводи селектор Јонас Виле, а главни играчи се левиот бек Сандер Сагосен, левото крило Себастијан Бартолд и голманот Торбјорн Бергеруд. Повлекувањето на Кирил Лазаров како активен играч беше сигнал за нов почеток на Македонија и градење нов состав, иако во него има и искусни имиња, како што се левото крило Дејан Манасков, голманот Никола Митревски, десното крило Гоце Георгиевски.

Црвено-жолтите постојано се присутни на СП во изминатата деценија, а настапот во Полска и во Шведска ќе биде шести во низа, а вкупно осми. Македонија билетот за ова СП го обезбеди откако ги елиминира Романија и Чешка во квалификациите. Ударни играчи се левите бекови Филип Талески и Филип Кузмановски, голманот Митревски и левото крило Манасков. Холандија на СП ќе настапи со вајлд-карта, доделена од Светската ракометна федерација (ИХФ). Новиот стратег на Холанѓаните, Швеѓанецот Штафан Олсон, има солиден состав, бидејќи некои од носителите на играта настапуваат во силната Бундес-лига. Главни играчи се средниот бек Лук Стеинс и десните бекови Кај Смитс и Боби Шаген. Аргентина беше последна на ЛОИ во Токио, шпанскиот селектор Маноло Каденас замина, а го наследи Аргентинецот Гиљермо Милано. Поголемиот број репрезентативци играат во шпанската лига, а ќе настапи и средниот бек Диего Симоне, кој од 2013 година игра за француски Монпелје. Ударни играчи, покрај Симеоне, се голманот Леонел Масиел и пикерот Лукас Москариело. Г.И.